Израел ги подигна безбедносните и оперативните мерки на повисоко ниво, поради проценки дека Вашингтон би можел да преземе директни чекори во однос на Иран, додека во земјата се одвиваат најголемите антивладини протести во последниве години. Според три израелски извори запознаени со безбедносните консултации, во Тел Авив се работи со сценарио во кое секоја американска интервенција, без разлика дали политичка, кибер или воена, може да предизвика ирански одговор што ќе ги прошири ризиците и врз Израел.
Паралелно со тоа, иранското раководство јавно испраќа сигнали за одмазда доколку САД нападнат. Претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Калибаф предупреди дека во случај на напад врз Иран, „окупираните територии“ – термин што Техеран го користи за Израел – како и американските бази и бродови би биле „легитимна цел“. На терен, информациите од Иран се дополнително заматени од интернет-блекаут, а независни организации за човекови права говорат за стотици загинати и илјадници уапсени, бројки што властите во Техеран не ги потврдуваат.
Во Вашингтон, претседателот Доналд Трамп ја подгрева реториката за „силни опции“ и, според агенциските извештаи, треба да одржи состанок со највисоките советници за можните чекори. Израелската готовност, во таа смисла, не е најавување на неизбежен напад, туку осигурување за брза реакција ако се отвори прозорец за ескалација: од ракетни закани и напади врз американски цели во регионот, до обид Иран да го пренасочи домашниот притисок кон надворешен конфликт.
Дополнителен слој на чувствителност е и искуството од јуни 2025 година, кога Израел и Иран влегоа во 12-дневна војна, а САД кратко се вклучија со напади врз ирански нуклеарни инсталации, по што следуваше иранска ракетна одмазда кон Израел и кон американска база во Катар. Во ваков контекст, секое ново заострување меѓу Вашингтон и Техеран автоматски ја крева цената на ризикот и за Израел, кој се позиционира како прва линија ако Иран реши да одговори преку регионални удари.