Од печат излезе целосниот превод на „Изворите на тоталитаризмот“ од Хана Арент, во превод на Катерина Јосифоска, а во издание на издавачката куќа „Илика“.
Оваа студија претставува клучно дело од областа на политичката филозофија на XX век. Трите главни теми на кои се фокусира авторката се основите, историскиот развој и социјално-политичките последици на империјализмот, на антисемитизмот и на тоталитаризмот. На овој начин се создава широка историска панорама во која се посочуваат клучните и универзални точки што влијаеле врз зачнувањето и развивањето на современите облици на општествена репресија.
Оттука, книгата е исклучително важна поради нејзината универзална релевантност за дефинирањето, анализирањето и разобличувањето на феноменот на тоталитаризмот, чиишто облици се присутни и во современото општество во кое живееме денес. 74 години по објавувањето на првото издание сѐ уште треба да се навраќаме и потсетуваме на аспектите од политичка теорија на Хана Арент, меѓу кои се радикалното зло и тоталната доминација, за да ја размислиме и да ја сфатиме сегашноста.
Арент „во ‘Изворите на тоталитаризмот’ пишува за лесното, односно очекуваното надживување на тоталитарните идеи над самите тоталитарни режими, при што нивните искушенија ќе се појавуваат во неможноста да се справиме со ‘политичката, општествената или економската беда на начин којшто е достоен за човекот’. Тоа го покажуваат и денешните удари насочени кон уништувањето на другите, масакрите, геноцидите и катастрофите на ‘етничко чистење’ – сето ова што го имаме посведочено низ последните децении на XX и во првите децении на XXI век, кое како сениште стои над нашите глави и не повикува да се потсетиме на зборовите на Арент за нескршливоста на таквите искушенија“ пишува преведувачката во поговорот на книгата.
Книгата е достапна во кафе-книжарницата „Илика“ и другите книжарници низ Скопје. Изданието е поддржано од Гете институт и Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка.