ABBA, Bee Gees и Мајкл Џексон во симфониска „Диско вечер“ за Василица

Македонската опера и балет вчера и денеска, со почеток од 20 часот, го организира традиционалниот концерт по повод празникот Василица, годинава под наслов „Диско вечер“, посветен на најпознатите диско и поп хитови од 1970-тите и 1980-тите години.

Како што соопштија од МОБ, публиката има можност да слушне дела на светски познати изведувачи како Глорија Гејнор, Дона Самер, АББА, Би Џис (Bee Gees), Мајкл Џексон и други, преработени во современи симфониски аранжмани.

„Овој уметнички пристап не е само носталгично враќање кон музиката од минатото, туку и нејзино творечко преосмислување“, наведуваат од МОБ, посочувајќи дека концертот создава мост меѓу жанровите, генерациите и музичките традиции, поврзувајќи ја популарната култура со институционалната сцена на класичната музика.

Во концертот настапуваат домашни и странски солисти: Џудит Н. Беноа од Велика Британија, Даниел Ситрит и Мартин Лин од Данска, Клара Лукас од Германија и Ана Петановска од Македонија. Настапуваат Оркестарот на Националната опера и балет и Националниот џез оркестар.

Режисер на концертот е Дејан Прошев, диригент Емин Џијан, сценограф и автор на видеодизајнот Марија Ветероска, а за светлосниот дизајн е задолжен Милчо Александров.

Со „Диско вечер“, Македонската опера и балет уште еднаш ја потврдува својата отвореност кон современите културни текови и мисијата да понуди програми што се квалитетни, иновативни и достапни за пошироката публика.

Зачлени се на нашиот е-билтен