УЈП потсетува: Обврска за ДДВ регистрација за сите со промет над 2 милиони денари

Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува правните и физичките лица дека доколку до крајот на декември 2025 година оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од оданочив промет на добра и услуги, имаат законска обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).

Обврската важи и за физички лица кои изнајмуваат деловен простор, даваат менаџерски, правни, економски, инженерски или занаетчиски услуги, држат приватни часови, остваруваат приходи од продажба на земјоделски производи или вршат друг оданочив промет, доколку во текот на 2025 година го надминале утврдениот праг.

Од УЈП појаснуваат дека во вкупниот промет за цели на ДДВ влегува прометот од продажба на добра и извршени услуги, додека не се пресметува прометот кој е ослободен од ДДВ без право на одбивка, како што се изнајмување станбени објекти за живеење, здравствени услуги, услуги на осигурување, изучување странски јазици, меѓународен превоз на патници и слично. Исто така, не се вклучува ниту прометот остварен кон странски даночни обврзници за услуги кои не подлежат на ДДВ.

Доколку дејноста се вршела само дел од годината, годишниот промет се пресметува пропорционално, со пресметка на просечниот месечен приход помножен со 12 месеци. Во такви случаи, доколку пресметката го надмине прагот од 2 милиони денари, регистрацијата за ДДВ е задолжителна.

Пријавите за регистрација за ДДВ, како и пријавите за доброволна регистрација, се поднесуваат најдоцна до 15 јануари 2026 година, електронски преку системот e-Tax, лично во организациските единици на УЈП или по пошта.

УЈП потсетува дека физичките лица кои се ДДВ обврзници, за електронско поднесување на пријавите, треба да поседуваат дигитален сертификат на USB токен.

Истовремено, даночните обврзници кои не оствариле промет над законскиот праг и кај кои поминале најмалку три години од регистрацијата, можат да поднесат барање за отповикување на ДДВ регистрацијата (образец ДДВ-01Б), исто така до 15 јануари 2026 година.

Од Управата за јавни приходи предупредуваат дека регистрацијата за ДДВ може и службено да биде прекината, доколку се утврди неподносување даночни пријави, неприкажување промет, недостапност на обврзникот на пријавената адреса или доколку е утврдено даночно затајување.

Зачлени се на нашиот е-билтен