Хулио Иглесијас обвинет за сексуално злоставување на две жени

Шпанската музичка ѕвезда Хулио Иглесијас се соочува со обвиненија за сексуално злоставување на две жени во 2021 година, кога една од нив имала 22 години, пренесуваат шпанските медиуми.

Двете жени тврдат дека биле злоупотребувани додека работеле како вработени во карипските вили на пејачот. Една од нив, куќна помошничка, тврди дека била принудувана на сексуални односи, со физичко и вербално малтретирање.

Физиотерапевтката, која исто така работела за Иглесијас, наведува дека била изложена на непристојно допирање, навреди и понижување, во атмосфера на контрола и постојано вознемирување.

Наводните напади се случиле во неговите куќи во Пунта Кана, Доминиканска Република, и во Лејфорд Кеј, Бахами. Обвиненијата беа објавени по заедничка истрага на шпанскиот портал eldiario.es и телевизијата Univision, а известија и британскиот Independent.

Една од жртвите, идентификувана како Ребека (име заштитено), изјавила дека пејачот тогаш на возраст од 77 години, често ја викал во својата соба на крајот од вечерта. „Го чувствував себе како предмет, како робинка“, рекла таа. Навела дека наводните сексуални средби скоро секогаш се одвивале во присуство на друг член на неговата куќна служба.

Другата жртва, Лаура (име заштитено), тврди дека Иглесијас ја бакнувал во уста и ја допирал по градите против нејзина волја.

Медиумите повеќепати се обиделе да стапат во контакт со пејачот и неговиот адвокат, но не добиле одговор. Исто така, не биле контактирани ниту лицата кои управувале со вили во кои се случиле наводните инциденти.

Сепак, една од поранешните управнички на вила во Пунта Кана ја отфрлила обвинителната приказна, опишувајќи го Иглесијас како „скромен, великодушен и многу почитувачки кон сите жени“.

Хулио Иглесијас стана светска музичка ѕвезда со хитот Begin the Beguine, кој во 1981 година директно стигна до првото место на британската топ-листа. Тој продал повеќе од 300 милиони плочи ширум светот.

Зачлени се на нашиот е-билтен