Најголемите диско хитови донесоа еуфорија и шизење во МОБ

Синоќа Македонската опера и балет го напушти вообичаениот свечен тон и се претвори во вистински диско подиум. Симфонискиот оркестар и Џез оркестарот, обединети во редок и моќен музички сојуз, заедно со пет врвни солисти, приредија концерт кој повеќе личеше на голема журка отколку на класичен концертен настан. Публиката од самиот почеток едвај се задржуваше на столчињата, носена од енергијата што се ширеше од сцената кон салата.

Вечерта беше отворена со „Can’t Take My Eyes Off You“, а токму тој прв момент го постави тонот на целиот концерт. Прекрасниот вокал на Џудит Н. Беноа од Велика Британија звучеше сигурно, топло и разиграно, како покана за заедничко патување низ диско и поп-историјата. Веќе по првите минути беше јасно дека ова нема да биде само концерт со хитови, туку музичка прослава со силна емотивна реакција кај публиката.

Нашата врвна солистка Ана Петановска, заедно со гостите Џудит Н. Беноа, Даниел Ситрит и Мартин Лин од Данска и Клара Лукас од Германија, ги оживеа најпознатите диско и поп песни од 70-тите и 80-тите години. Секој од солистите внесе сопствена боја и карактер, но целината звучеше компактно и моќно, како добро наместен часовник што пулсира во ист ритам. Нивните интерпретации на познати хитови, беа свежи, енергични и искрени изведби кои будат носталгија, но и чиста радост.

Посебна тежина на вечерта ѝ даде спојот на симфонискиот звук со џез енергијата. Оркестрите функционираа како едно тело, создавајќи богата и динамична звучна слика, која ја носеше публиката низ времето кога диско музиката беше начин на живот, а не само жанр. МОБ одамна не била исполнета со ваква атмосфера

Како што одминуваше концертот, така и границата меѓу сцената и гледалиштето сè повеќе се бришеше. Публиката реагираше спонтано, со насмевки, движење и громогласни аплаузи по секоја песна. Финалето со „We Are Family“ беше кулминација на вечерта – салата беше целосно на нозе, ракоплескаше и играше додека песната траеше, а чувството на заедништво и радост беше речиси опипливо.

Еуфоријата не заврши со последниот акорд. Публиката со долг и искрен аплауз ги врати солистите и оркестрите на сцена дури три пати, јасно ставајќи до знаење дека вакви вечери недостасуваат и дека музиката, кога е искрена и добро изведена, има моќ да ја раздвижи и најформалната сала.

По години одбивање во живо заради авторски права, МРТ конечно дозволи пренос во живо. Дали ова значи дека културните настани ќе добијат повеќе видливост и достапност за публиката?

Синоќа, под сводовите на МОБ, диско музиката повторно покажа зошто е безвременска – затоа што носи радост, слобода и чувство дека, барем за миг, сите дишеме во ист ритам.

Зачлени се на нашиот е-билтен