Пелагонија – житница или депонија?

Пелагонија

Во општините Долнени, Кривогаштани, Новаци и Могила, жителите се оставени самите на себе во селекцијата и натамошниот третман на отпадот од пестицидите, со мала или незначителна интервенција на општините и на комуналните претпријатија. Решавањето на овој сериозен проблем се потпира на совеста на земјоделските производители, која, пак, зависи од степенот на нивното знаење или незнаење за штетноста и опасноста од отпадот од пестициди.

Автори: Даниела Цветаноска* и Филип Димкоски**

Состојбата со отпадот во Северна Македонија е сериозен и долготраен проблем, кој сè уште не е системски решен. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјата се создадени приближно 790 000 тони комунален отпад, што значи дека секој жител во просек создава приближно 430-440 килограми отпад годишно. Организирано се собираат околу 80 % од создадениот отпад, односно околу 630-640 илјади тони, додека остатокот завршува надвор од официјалниот систем, најчесто на диви депонии или во природата. Речиси 99 % од собраниот отпад се депонира без претходна селекција или третман. Околу 30 % од населението, претежно во руралните подрачја, нема редовна услуга за собирање отпад, што придонесува за појава на диви депонии.

Отпадот од пестициди припаѓа во категоријата опасен отпад. Каде е отпадот од пестицидите во морето од ѓубре со кое е преплавена С Македонија? Води ли некој грижа за овој вид отпад,  дали и како се селектира, каде се одлага?

Отпадот од пестицидите завршува во почвата и во водата

Процените од некои локални извори укажуваат дека количината опасен земјоделски отпад во С Македонија може да изнесува околу 3 400 до 5 000 тони, што вклучува остатоци од пестициди и слични опасни хемикалии. Овој отпад најчесто се складира привремено во очекување извоз или горење, бидејќи нема доволно развиена домашна инфраструктура за третман или за безбедно уништување според меѓународни стандарди.

Отпадот од пестициди припаѓа во категоријата опасен отпад

Регулативата во земјата го опфаќа опасниот отпад како категорија и содржи правила за постапување со опасни хемикалии, но специфични механизми за интегрирано управување со отпад од пестициди и агрохемиски производи не се широко применети во практиката, освен како дел од општите правила за опасен отпад што ги регулира Законот за управување со отпад.

Во практика, тоа значи дека кај пестицидите најчесто се случува привремено складирање без долгогодишни безбедни решенија, горење контаминирани пакувања или мешање со обичен отпад на депонии со ризик од испирање токсични супстанции во почвата и во водите.

Како што може да се забележи од статистичките податоци, руралните средини имаат најголем проблем со отпадот, а секако и со отпадот од пестициди, бидејќи жителите главно се занимаваат со земјоделство, кое, пак, ги користи пестицидите за заштита на растенијата.

Кога нема системско решение, секој се снаоѓа на свој начин

Посетивме неколку села во општините Долнени, Кривогаштани, Новаци и Могила. Разговаравме со десетици луѓе, а некои од нив отворено го споделија својот став и своите искуства во врска со фактичката состојба.

Жител од долненско Пешталево ни раскажа како секојдневно настануваат дивите депонии во селото.

„Фрла кој каде ќе стигне. Ако некој фрли само една најлонска ќеса на некое место, за една седмица на тоа место настанува нова мала депонија. Низ селото има малку контејнери, а комуналното претпријатие многу ретко го собира ѓубрето. Околу самите контејнери се создаваат мали депонии од кои се шири смрдеа и зараза. Мислам дека 80 % од населението во селово го фрла ѓубрето околу нивите и во одводните канали. Се случува стока да се исече и да се усмрти од завртки и од остатоци од стакло. Јас се снаоѓам на начин што ѓубрето што може да се запали, го горам, а останатото, како стакло или железо, го собирам во вреќи“, вели нашиот соговорник од Пешталево, Општина Долнени.

Пестицидите најчесто се складираат привремено, без долгогодишни безбедни решенија, се горат во контаминирани пакувања или се мешаат со обичен отпад на депонии со ризик од испирање на токсични супстанции во почвата и во водите

„Го собирам ѓубрето на едно место и кога можам го носам во Прилеп за да го одложам во контејнери. Пред неколку години во селото имаше контејнери со капак и тогаш на побезбеден начин го складиравме ѓубрето од препаратите што ги користиме во производството. Но, сега нив ги нема. Често таквиот отпад го спалуваме“, рече жител на село Црнилиште, Општина Долнени.

Меѓу купиштата ѓубре што ги затекнавме околу Кривогаштани се наоѓа и отпад од пестициди што се користат за заштита на растенијата во конвенционалното земјоделско производство и се потенцијална закана за труење луѓе и животни, а со неправилното одлагање предизвикуваат загадување на почвата, на водата и на воздухот.

„Државата не презела ништо во однос на нас земјоделците, да нѐ насочи каде да го фрламе отпадот од пестициди и како да селектираме. Засега фрлам каде што ќе стигнам. Доколку јас како земјоделец бидам упатен каде да го одлагам отпадот од пестициди, ќе го правам тоа“, дециден е Оливер Мирчески, производител на пиперки и тутун од Кривогаштани.

Директорот на Јавното претпријатие Пелагонија во Општина Кривогаштани, Предраг Бојчески, вели дека најголем проблем во општината претставуваат дивите депонии. Исто така, голем проблем е отпадот од пестициди. Најчесто таквиот отпад останува на нивите каде што се користи, на патиштата, по улиците итн.

„Ние како комунално претпријатие можеме да преземеме мерки и во тој поглед да набавиме специјални контејнери за одлагање на таквиот отпад. Но, недостаток е премалиот број вработени во нашето претпријатие и малиот број возила со кои располагаме. Опасниот отпад не знаеме дали ќе го земе животно или дете и е опасен за целата околина. Не треба да чекаме да се случи труење или голема штета за да преземеме чекори. Се трудиме да оставаме контејнери за делумна селекција на отпадот, меѓутоа ефектот засега е мал. Се надевам дека свеста ќе се менува преку кампањи и едукација“, вели директорот Бојчески.

Слична е состојбата во Новаци, но темата со отпадот таму е почувствителна поради прашањата поврзани со најавената Регионална депонија. Жител на Новаци, кој сакаше да остане анонимен, ги сподели своите согледувања во врска со третирањето на отпадот во општината.

„Откако ќе испрскам на нивата, шишињата од хемикалиите ги собирам и ги палам. И да се собира и да не се собира, исто е. Сакаат да ни направат депонија, а тоа значи дека пак и таму ќе се пали овој отпад и пак ќе се загадува. Имавме протести дека не сакаме депонија, затоа што сметам дека нема да биде направена по сите прописи и ние ќе трпиме штета. Ќе се загади и воздухот, а и почвата од која ние произведуваме храна“, вели револтираниот жител.

Општините од Пелагонискиот и од Југозападниот регион формираа Меѓуопштински одбор за управување со отпад, што е услов за продолжување на проектот за изградба на модерна регионална депонија по европски стандарди.

Во Могила отпадот по меѓите и во нивите е минато

Во однос на состојбата со севкупното третирање на отпадот, се чини дека најдобро воспоставен систем, онолку колку што предвидува и овозможува законот, и онолку колку што овозможуваат капацитетите, има Општина Могила. Луѓето од селото со кои се сретнавме и разговаравме, велат дека фрлањето отпад по каналите и на нивите за нив е веќе минато поради тоа што низ селото има голем број контејнери. Според Зоран Гулевски, жител на село Могила, засега не може да стане збор за целосна селекција на отпадот, меѓутоа за разлика од другите општини, овде не забележавме ѓубре по меѓите, каналите и по улиците на селото.

„Отпадот од пестициди е решен со тоа што го фрламе во истите канти за отпад, кој потоа го презема Комуналното претпријатие во Могила. Ова претпријатие кај нас функционира околу 16 години и хигиената во селото е на многу високо ниво. Речиси веќе и не може да се сретне ѓубре низ селото. За жал, сѐ уште немаме услови за селекција на отпадот. Со оглед на тоа што селаните се свесни, мислам дека кога би имале услови, би го селектирале и отпадот од пестициди, но и другиот отпад“, вели Зоран Гулевски.

Кире Николоски, исто така жител на Могила, тврди дека со зголемената употреба на пестициди во земјоделското производство, расте и количината отпад.

„Не постои организиран начин на третирање на отпадот од пестицидите. Драстично е зголемена употребата на препарати во земјоделството, а тоа значи многу повеќе отпад. Бидејќи третманот на овој отпад не е регулиран и не е организиран, засега е доволно да работи свеста, да се собираат амбалажите од пестицидите во ќеси и да се фрлаат во контејнер“, вели Кире Николоски, жител на Општина Могила.

„Фрла кој каде ќе стигне. Ако некој фрли само една најлонска ќеса на некое место, за една седмица на тоа место настанува нова мала депонија. Низ селото има малку контејнери, а комуналното претпријатие многу ретко го собира ѓубрето“, вели жител на Пешталево, Општина Долнени

Во општините Долнени, Кривогаштани, Новаци и Могила, жителите се оставени самите на себе во селекцијата и натамошниот третман на отпадот од пестицидите, со мала или незначителна интервенција на општините и на комуналните претпријатија. Решавањето на овој сериозен проблем се потпира на совеста на земјоделските производители, која, пак, зависи од степенот на нивното знаење или незнаење за штетноста и опасноста од отпадот од пестициди. Нашите соговорници укажуваат на потребата од системски решенија на овој проблем, кој се одразува врз здравјето на луѓето и врз сите составни елементи на животната средина.

За отпадот од пестициди потребен е сличен третман како со медицинскиот отпад

Проф. д-р Биљана Консулоска Гвероска, како експертка од областа на заштитата на растенијата, со години преку својата научна дејност се залага за заштита на животната средина. Дел од нејзиното научноистражувачко подрачје е и опасноста од пестицидите. Според неа, таа произлегува не само од неправилното користење на пестицидите, туку и од неправилното ракување со амбалажата и нејзиното складирање.

„При подготовка на растворот за третирање нива, отворените препарати лесно можат да се истурат. Не само течните препарати, туку и прашивата. Затоа, амбалажата треба да биде ставена на соодветно место и да се затвори по мерење на соодветната количина за да не дојде до нивно истурање. Иако тоа изгледа како минорна грешка, последиците се многу поголеми. Таа количина со миењето оди, пред сѐ, во почвата, односно ја загадува. Исто така, најчесто за измивање се користи истата вода од изворот од кој се зема водата за полнење на прскалката, така што ја загадуваме и таа вода. Опасноста е уште поголема доколку станува збор за непроточен извор со кој добитокот може да дојде во контакт, но исто така и проточен, па загадувањето да биде во поголеми размери“, истакнува проф. д-р Консулоска Гвероска.

Таа нагласува дека правилното складирање на амбалажата треба да продолжи и по употребата.

„Опасноста демне поради тоа што тие се веќе отворени, па постои одредено испарување, особено ако протекла одредена количина по амбалажата. Таквата амбалажа повторно се употребува, односно доаѓа во контакт со кожа. Исто толкава опасност постои и ако препаратот е во прашкаста форма“, вели д-р Биљана Консулоска Гвероска.

Со оглед на тоа што и отпадот од пестициди спаѓа во групата опасен отпад, исто како и медицинскиот, потребен е сличен третман на негово одлагање. Покрај претежно ниската свест на населението за општото третирање на отпадот, сепак луѓето односно земјоделските производители се свесни за опасностите од отпадот од пестициди. Но, и луѓето што сакаат соодветно да постапуваат со овој опасен отпад се оневозможени поради неконкретната регулатива и системската неможност за негово правилно третирање.

За разлика од отпадот од пестициди, со медицинскиот отпад се постапува во согласност со Правилникот за начинот на постапување со медицинскиот отпад. Според овој правилник, со медицинскиот отпад треба да се постапува во зависност од неговата класификација, со преземање на сите неопходни мерки за да се спречи негативното влијанието врз животната средина, воздухот, водите, почвата, здравјето на луѓето, додека со медицинскиот отпад што е неопасен се постапува како со комуналниот отпад. Медицинскиот отпад се собира во пластични вреќи, картонски кутии, посебни садови и контејнери, изработени така што со своите карактеристики го овозможуваат и го олеснуваат селектирањето и пакувањето на местото на создавање и обезбедуваат заштита на здравјето на луѓето и на животната средина.

Земјоделскиот отпад е нејасно регулиран со законите

За разлика од Македонија, дел од соседните земји имаат построга регулатива во однос на отпадот од пестициди. Во Србија тој се собира одвоено, се пакува и се транспортира со посебни мерки на безбедност до центри за собирање или постројки за третман, па се уништува. Во Хрватска регистрираните корисници на пестициди се должни да водат евиденција, привремено да складираат (максимум една година) и да го предадат отпадот на овластени субјекти, додека, пак, за граѓаните што користат помали количини пестициди, локалните самоуправи се одговорни за обезбедување инфраструктура за одделно собирање.

Решавањето на овој сериозен проблем се потпира на совеста на земјоделските производители

Кај македонските граѓани и кај лицата што се назначени на раководните функции на комуналните претпријатија доаѓа до конфузија што произлегува од слабото функционирање на законот, од немањето доволно кадар, од немањето доволен број контејнери и неможноста за правилна селекција и одлагање на отпадот. Се претпоставува дека и државни институции, но и приватни земјоделски претпријатија не знаат како да се справат со овој проблем, кој предизвикува тешкотии во нивната работа и е потенцијална опасност за околината.

Одговори за нејаснотиите побаравме преку правна анализа од адвокатката Анастасија Смиле. Таа вели дека регулативата со која се уредува прашањето на управување со отпад на национално ниво од една страна, и на локално ниво од друга страна, е опширна и хиерархиски поставена. Својата база ја има во законски решенија, подзаконски акти, правилници, програми и планови.

„Земјоделскиот отпад нема правна и прецизна регулираност во посебен закон, туку е распрснат низ повеќе закони. Постојат и многу правилници што индиректно го засегаат земјоделскиот отпад. Сето ова го усложнува процесот на правилно и прецизно третирање на земјоделскиот отпад, бидејќи правните и физички лица (земјоделци) што употребуваат препарати и производи, од една страна, и комуналните инспекторати што ја следат нивната употреба и тек и неговото одложување, од друга страна, се наоѓаат во позиција на збунетост со оглед дека оваа проблематика е распространета низ низа на закони. Притоа не е јасно и концизно обработена и со тоа се генерираат проблеми во текот на практичната примена на регулативите“, вели Анастасија Смиле, адвокатка.

Според неа, потребно е системско решение, преку измени во Законот за управување со отпад и донесување посебен правилник за земјоделски и агрохемиски отпад, во кој би се обработил целиот процес – од набавување еден препарат (кој смее или не смее да го набавува и во која количина), употреба на препаратот, задолжителен начин на одложување на отпадокот, надзор, инспекциски контроли и преработка или уништување.

* Даниела Цветаноска е активистка на здружението ЛАГ Агро лидер

** Филип Димкоски е новинар

Сторијата „Пелагонија – житница или депонија?“ е преземена од онлајн медиумот на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ Локал Актив Пелагонија, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Оваа содржина е создадена во рамките на проектот „Медиуми на заедницата за граѓански ангажман: Трансформирање на општествените барања во општествена акција“, кој го спроведува Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС од Скопје, со финансиска поддршка од Европската унија. Ставовите и мислењата искажани во содржината не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.

Зачлени се на нашиот е-билтен