Првиот тим германски војници од Bundesver ќе пристигне на Гренланд денеска, 15 јануари, како дел од меѓународен извидувачки тим, потврди германското Министерство за одбрана, пренесува Дојче Веле. Мисијата има за цел да истражи „можен рамковен капацитет за обезбедување на регионот“, а германските војници се таму на покана на Данска. На главниот град Нук ќе бидат пренесени со транспортниот авион Airbus E400M.
Се работи за извидувачка операција која ќе трае од 15 до 17 јануари. Целта е да се утврди како Германија, заедно со Данска, би можела да придонесе во обезбедувањето на безбедноста во арктичкиот регион, особено во делот на поморскиот надзор.
Според германските медиуми, во Гренланд веќе пристигнаа и првите специјални сили и извидувачки единици од Европа, со поддршка од Данска, а се очекува да пристигнат и војници од Франција, Холандија, Канада, Шведска, Велика Британија и Норвешка. Операцијата се координира од Копенхаген, независно од НАТО, и се спроведува без директно учество на САД.
Оваа европска иницијатива следи по неуспешниот самит во Вашингтон, на кој американскиот претседател Доналд Трамп не успеа да обезбеди договор за потенцијално преземање на Гренланд. Данска ја одбива идејата за американска контрола, истакнувајќи дека Гренланд е автономен дел од Кралството Данска и членка на НАТО.
Германската влада, пак, јасно ја отфрла американската иницијатива, но истовремено посочува дека сака заедно со САД да придонесе за обезбедување на арктичкиот регион од потенцијална руска закана, при што активностите треба да се спроведуваат во рамките на НАТО.