Москва молчи за Иран: тивка поддршка додека течат зделки

Речиси две недели по почетокот на масовните протести во Иран, Москва конечно проговори – но не за причините, ниту за насилството, туку за тоа што ја интересира најмногу: да покаже дека ништо „однадвор“ не може да ја наруши врската меѓу Русија и Исламската Република. Сергеј Лавров изјави дека „ниедна трета страна“ не може да ја смени „фундаменталната природа“ на односите со Техеран, сигнал што повеќе личи на гаранција за продолжување на договорите, отколку на дипломатска загриженост за криза што трае веќе близу 20 дена.

Во истата линија, портпаролката на руското МНР Марија Захарова првпат јавно се осврна на случувањата и вината ја насочи кон Западот: „нелегалниот притисок со санкции“, според неа, создавал економски и социјални проблеми, а „јавната тензија“ се користела за „дестабилизација и уништување“ на иранската држава. Речникот е препознатлив – „обоени револуции“, „надворешно вмешување“, „проект за рушење“ – истиот шаблон со кој Москва со години го објаснува секое внатрешно незадоволство кај партнерските режими.

Ова молчење, според анализата што ја пренесува Euronews преку разговор со иранскиот експерт Никита Смагин, не било случајно. Русија, вели тој, внимателно ја мерела ситуацијата и ризикот од радикална промена на режимот, па затоа се ограничила на минимални изјави, главно на ниво на амбасада. Кога проценката во Москва станала дека иранските власти остануваат стабилни и дека протестниот бран се сузбива, тогаш и поддршката станала поотворена – затоа што политичката цена од „врзување“ за Техеран, во тој момент, изгледа помала од користа.

Користа е конкретна и одамна ја надминува дипломатијата. Русија и Иран по инвазијата врз Украина се приближија во рамка на 20-годишен договор за стратешко партнерство, со силен акцент на безбедноста, енергијата и заобиколувањето на санкциите. Но и тука има важна нијанса: не станува збор за класичен сојуз со обврска за меѓусебна одбрана, туку за прагматично партнерство кое функционира додека им е потребно на двете страни.

Највидливата нишка е воената соработка. Иранските дронови „Шахед“ се користат во руските напади врз Украина, а според јавни извештаи Русија веќе ја локализирала продукцијата и ги произведува под името „Геран-2“, по трансфер на технологија. Според Смагин, „врвот“ на важноста на Иран како воен снабдувач за Русија бил во 2022–2023 година; денес динамиката постепено се превртува, па Москва почнува да биде продавачот што може да му испорачува оружје на Техеран – од борбени авиони Су-35 и хеликоптери Ми-28, до системи што ретко се признаваат јавно, но циркулираат во извештаи и протекувања. Во истиот пакет сомнежи влегува и прашањето за технолошка помош: во услови на интернет-блекаут во Иран, се појавија тврдења дека руски капацитети за електронско војување би можеле да придонесуваат за попречување на сателитски услуги како Starlink.

Сликата се заокружува со уште една, на прв поглед контрадикторна, порака: Русија јавно ја осудува можната американска интервенција и ја нарекува „категорички неприфатлива“, предупредувајќи дека „надворешно инспирираните немири“ не смеат да бидат изговор за нов напад. Во исто време, Москва не покажува намера да преземе нешто што личи на директна заштита на режимот во Техеран – ниту има капацитет за тоа додека е влезена до гуша во Украина. Токму затоа Кремљ се држи до минимализмот: доволно гласно да го обвини Западот, доволно тивко да не преземе обврски што не може да ги исполни, и доволно стабилно да ги продолжи зделките што му носат стратегиска корист.

Во ваков распоред, протестите во Иран за Москва не се прашање на вредности, туку на калкулација: дали партнерот опстанува, дали договорите течат и дали Западот ќе се впушти во потег што би ја турнал кризата во регионална ескалација. Одговорите на тие прашања ќе ја диктираат и руската „тишина“ во следните денови.

Зачлени се на нашиот е-билтен