Тешка сообраќајна несреќа утрово го парализираше Штајерскиот автопат А1 во Словенија, откако цистерна што превезувала дизел се преврти и се запали по судир, по што следеше и експлозија. Инцидентот се случил околу 8 часот, во близина на Словенска Бистрица, на делницата меѓу клучките Словенске Коњице и Словенска Бистрица југ.
Според информациите од полицијата во Марибор, цистерната се движела во правец кон Марибор кога возачот изгубил контрола и удрил во заштитната ограда што ги разделува двата правци. Возилото потоа се превртело и завршило на спротивниот коловоз, во правец кон Љубљана. Во тој момент наишол комби со двајца патници и не успеал да го избегне судирот, по што избувнал голем пожар.
Едно лице загинало на местото на несреќата – возачот на комбито. Повредени се сопатникот во комбито и возачот на цистерната, кои биле пренесени на лекување во Универзитетскиот клинички центар во Марибор. Причината за несреќата сè уште се утврдува, а полицијата, според првичните изјави, ја исклучила можноста дека станува збор за поледица.
Командантот на противпожарната служба во Словенска Бистрица изјавил дека цистерната носела повеќе од 30.000 литри дизел и дека огнот се проширил по целата ширина на автопатот, поради што биле ангажирани дополнителни екипи. Интервенцијата вклучила околу 80 пожарникари од повеќе доброволни друштва и професионалната бригада во Марибор, а пожарот бил локализиран и изгаснат по интензивна акција.
Сообраќајот со часови беше целосно прекинат во двата правци, а возачите беа пренасочувани на регионални патишта. Подоцна во текот на денот, делницата беше повторно отворена, но со ограничувања – по една лента во секој правец – и со задржани колони поради расчистување и безбедносни проверки. Од компанијата „Петрол“, за словенечката агенција СТА, било потврдено дека цистерната работела за нив, но дека несреќата не треба да влијае врз снабдувањето со гориво.