Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кога опресираните се опресори и се опресираат самите себе си

Неснаодливи во светот на возрасните, ја чиниме истата сурова неправда и глупава грешка: опресираме. Ги опресираме сите кои ни се на дофат: помладите, послабите, другите националности и раси, педерите, лезбејките и сите кои на било кој начин не се вклопуваат во патријархалниот македонски сон. Ги опресираме животните и растенијата. Сепак, пред сѐ и над сѐ, ние сме луѓе кои се опресираат самите себе си.

Мирко ПОПОВ*

Нашиот проблем е географски. Се наоѓаме во Европа. Да бевме позиционирани некаде во супсахарска Африка, ќе можевме нагонски мирно, далеку од очите на тнр. цивилизиран свет, да извршиме комплетен терор врз самите себе и сите околу нас. Да се изразам попластично, без некоја поголема бука и без особени последици по ништо и никого, ќе можевме на раат живи да се јадеме меѓу себе и конечно да се изедеме самите себе. Претерувам? Се плашам дека не.

Ние сме луѓето кои 1945-та година, по неколку века фрустрација, добија држава и слобода. Уживајќи во дотогаш незапаметен развој по сите параметри, стекнавме основна социјална правда, во тоа време речиси невидена дури ни во поголемиот дел на развиена Европа. Ние сме луѓето на кои не им чинеше тој социјализам, па го саботиравме на секое ќоше и со весело олеснување го испративме во историјата.

Се радувавме на слободата која дојде со демократијата и конечно, нашиот “вековен сон“: националната држава. Национална држава во 21-ви век… Боже каква радост! Наскоро откривме дека кока-колата и хамбургерот треба прво да се произведат пред да се изедат, правата подразбираат и обврски, а системот кој го гушнавме така мрзливи, запиени и испотени, се вика капитализам. Се разбира и тоа не испадна доволно добро за нас. А – а! Не чини.

Ние сме луѓето, кои силно освестени од суштинската неправда на капитализмот и секако згрозени од светскиот поредок, отворено бараме да се врати “мекиот диктатор“ Тито, (кој едвај, но на клоци го истеравме), или уште подобро: “турско време да се врати“, кога нели, “имаше еден ред“. Ние сме луѓе кои со пукање по улиците ја славиме кражбата наречена победа на Ердоган, еден од главните ликови на диктаторскиот нов бран во Европа. Ние сме луѓето кои имаат влажни соништа за фирерот (нели, Хитлер и не бил така лош човек) како татковска фигура и неговата современа супституција, господинот Путин.

Ние сме луѓето кои го молат бога метеор да не удри, сосем свесни дека освен нашите, така ќе исчезнат и сите деца на целиот овој син и прекрасен свет.

Долготрајната историска опресија и ненадејната можност за просветлување и приклучок кон цивилизираниот свет не имаат фатено во расчекор. Неснаодливи во светот на возрасните, ја чиниме истата сурова неправда и глупава грешка: опресираме. Ги опресираме сите кои ни се на дофат: помладите, послабите, другите националности и раси, педерите, лезбејките и сите кои на било кој начин не се вклопуваат во патријархалниот македонски сон. Ги опресираме животните и растенијата. Сепак, пред сѐ и над сѐ, ние сме луѓе кои се опресираат самите себе си. Станавме токму оние за кои тврдиме дека највеќе ги мразиме: опресорите. Ништо друго не ни остана, освен омразата кон себе, изразена преку севкупната општествена деморализираност.

За среќа, таму каде што има опресија, има и борба против неа. Вистински демократското општество, така омразено од сите опресори, е гарант за право и простор за борба на сите инакви од националистичко – капиталистичкиот умствен и телесен затвор. Извонредно релевантна борба, која носи суштински промени во секојдневниот живот и однесување, кои гарантираат напредок, но и опстанок, за разлика од патријархалната конзерва која ултимативно води кон самоуништување. Трансформативност која доаѓа од од најмаргинализираните ќошиња на нашето општество, ја користи уметноста како најблагородно орудие и се заканува да ни го промени општеството на подобро.

Ете, “Викендот на гордоста“ го менува општеството на подобро и тоа веќе 11 години. За разлика од времето кога КВИР културата беше декор за под тепих, или во најдобар случај третирана како “мечка игра оро“, денес е сериозна тема на општествена дискусија, поред се поради активната и организирана борба на сите релевантни чинители во сцената. И покрај невкусот, па и насилната реторика пласирани од противниците, луѓето од “Коалиција Маргини“ и нивните соработници, успеваат да наметнат интелектуален и естетски наратив, поддржан од сериозна програма на интернационално ниво, со што овозможуваат многу повеќе слобода и доволно парче ГОРДОСТ, не само за припадниците на ЛГБТИ, туку и за сите оние кои на било која начин се чувствуваат инакви.

А сите сме посебни, не?

Затоа ќе ве повикам да се прошетате деновите помеѓу 1-ви и 13 јуни до Музејот на современа уметност, МКЦ Скопје и КСП Центар Јадро и да промедитирате на тема демократија, слобода и љубов. Бидејќи тоа се нешта кои тешко се стекнуваат, а многу лесно се губат. Застанете до вашите сограѓани, вашите браќа и сестри, вашите деца. Ние сме луѓето. Да бидеме луѓето кои носат промена на подобро.

*Авторот е музичар, а колумната е преземена од Трн.мк

* Колумните се лични ставови на авторите.

Зачлени се на нашиот е-билтен