„Тими и Џи Даб – авантурите“ е нова книга за деца од авторката Кристина Мучовска, што нуди внимателно осмислени приказни наменети за најмладите, но и за нивните родители и воспитувачи. Станува збор за издание кое преку игра, авантура и препознатливи семејни ситуации, ги поттикнува децата на љубопитност, учење и развој на позитивни вредности.
Инспирацијата за главниот лик авторката ја црпи од сопственото дете, кое исто така се вика Тими. Врз основа на реални разговори и семејни моменти, создаден е лик во кој лесно може да се препознае секое љубопитно дете што го открива светот околу себе.
Посебен елемент во раскажувањето е превозното средство што го користи Тими – изум на неговиот татко, симбол на семејната поддршка и креативност.
Преку кратки и динамични приказни, книгата ненаметливо обработува теми како семејството, пријателството, комуникацијата и откривањето на светот околу нас. Напишана е на литературен македонски јазик, со јасна структура и содржини што ја комбинираат забавната и едукативната димензија.
„Тими и Џи Даб – авантурите“ е наменета за деца од предучилишна и рана училишна возраст и претставува четиво што може да се чита и индивидуално и заеднички – како алатка за разговор, учење и поврзување меѓу децата и возрасните.