(Видео) Кирил Џајковски и TK Wonder со новиот сингл „Head High“

Најуспешниот македонски електронски музичар Кирил Џајковски го претстави првиот сингл од неговиот нов албум „Memory Paradox“, чија објава се очекува во наредните месеци. Албумот ќе излезе под етикетата на издавачката куќа Filter Label и ќе содржи избор од дваесетината нови композиции на кои Џајковски работеше во изминатите две години со повеќе соработници.

Како најава за новиот материјал, од денеска на сите дигитални музички платформи е достапна песната „Head High“, во соработка со TK Wonder – долгогодишна соработничка на Џајковски и едно од најпрепознатливите имиња на современата македонска музичка сцена.

„Head High“ носи препознатлив звук на Кирил Џајковски, комбинирајќи хип-хоп и драменбејс, со силна вокална интерпретација и јасна порака. Песната е ангажирана и тематски се занимава со соочување со предрасуди, верба во себе и отпор кон нееднаквоста.

Иако досега не беше официјално објавена, „Head High“ веќе извесно време е дел од фестивалските настапи на Џајковски и брзо прерасна во една од најдобро прифатените песни кај публиката. Токму таа реакција беше причина композицијата да биде избрана како прв сингл од албумот „Memory Paradox“.

Новиот сингл „Head High“ е достапен за слушање и преземање на сите дигитални музички сервиси, а публиката може да го погледне и видеото што ја придружува песната.

Зачлени се на нашиот е-билтен