Проф. д-р Владимир Мартиновски, во интервјуто за Рацин.мк, вели дека Блаже Конески, како основач и патрон на Филолошкиот факултет и ден-денеска е голема инспирација, особено во годината кога факултетот ќе одбележи 80 години од првото предавање на Конески со што започнува работата на оваа университетска институција.
Деканот Мартиновски вели дека денеска секој студент на Филолошкиот факултет, меѓу другото, е и македонист и дека македонскиот јазик достигнува врвни дострели и со препевите на поезијата.
Мартиновски информира дека има зголемен број странски студенти на стручните студии за македонски јазик.
Поетот Мартиновски вели дека убавината во природата и убавината во уметноста нѐ прави луѓе и дека убавината ни дава критичко согледување на стварноста, но и надеж.
Со проф. д-р Владимир Мартиновски разговараше Зоран Бојаровски.
Денеска сме во кабинетот на деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески„ при Универзитетот „Кирил и Методи„ во Скопје. Професор доктор Владимир Мартиновски е наш гостин во ова издание на серијата интервјуа „Имаме неколку прашања за вас“.
Има многу поводи да се покани професорот за едно вакво интервју, но овој пат овој разговор го поврзуваме со јубилејот 80 години од првото предавање на Филолошкиот факултет, односно на академик Блаже Конески.
Тоа практично го означува почеток на историјата на Филолошкиот факултет, на изучувањето на македонскиот јазик, на македонската книжевност, веднаш после војната во 1946-та година.
Професоре Мартиновски, Ви благодарам што ја прифативте поканата.
Благодарам и за поканата. Поводот е навистина многу голем и многу убаво што на самиот почеток од оваа јубилејна и славеничка година имаме можност да дискутираме.
Да, тоа е голем повод, но кога сте во прашање вие, вие сте личност со повеќе идентитети. Освен што сте декан на факултет, професор, вие истовремено сте и писател, поет, музичар, сликар
Но, за почетокот да почнеме со функцијата декан на Филолошкиот факултет.
Што значи денеска да се биде на челото на оваа институција која го носи името на Блаже Конески. Дали е тоа предност и полет или е, условно, товар, заради наследството од Блаже Конески?
Одново да ви се заблагодарам за поканата и веднаш да ви одговарам вака децидно дека е и едното и другото. Ги опфаќа и двата аспекти. Секако дека е огромна одговорност со самото тоа што институцијата го носи името на Блаже Конески. Секој од нас, тука не би издвоил ниту еден член на овој колектив, има огромна отговорност кон македонскиот јазик, литература, култура, но и воопшто кон филологијата, кон науката, кон големите дејности со кои се има занимавано нашиот патрон.
И секако не бил сам со таа основоположничка генерација колеги кои ги ставиле темелите на македонската филологија и кои биле многу активни на многу планови. Ние од пред некоја година започнавме еден многу значаен проект со кој сакаме да ја документираме дејноста на професорите, наставниците на Филолошкиот факултет од основањето, кога се викал Филозофски факултет. Имаме заедничка историја, се разбира и со Филозофскиот факултет, до ‘74 година, кога се издвојува, но сме заедно и многу работи ден-денеска ги правиме заедно.
И сега ние сакаме да ги документираме достигнувањата на сите наставници од основањето до денес во три големи подрачја. Тоа е секако научната работа во сферата на филологијата и лингвистиката, се разбира литературната наука, теоријата, преведувањето и секако и авторската работа.
Првиот том кој излезе пред неколку години се вика „Книжевници наставници на Филолошкиот факултет”. Вториот кој излезе неодамна се книжевни преведувачи. Седумдесет автори се тука застапени и нивните библиографији комплетни.
Се работеше неколку години на овој многу убав проект, многу значаен, и третиот том на кој исто, наскоро, оваа година ќе започнеме, каде што ќе ги имаме комплетните библиографији, не само на патронот, туку и на сите наши претходни и актуелни колеги.
Така што, одговорноста е, од една страна голема или она што го нарековте вие „товар“, но истовремено и голем предизвик и голем елан. За нас патронот е еден, еден навистина голем извор на инспирација, како неговата научна работа, втемелувачките дела во сферата на лингвистиката, неговиот поетски, прозен опус и секако неговиот преведувачки и општествен во крајна линија опус, сето она што го има направено за македонската култура и за нејзиниот дијалог со светот.
Блаже Конески, како основач и патрон на Филолошкиот факултет и ден-денеска е голема инспирација.

Да зборуваме сега за македонскиот јазик и за македонската книжевност и за интересот да се изучуваат, да се истражува од аспект на запишувањето на студентите. Едно време имаше една кризна ситуација, кога беше афирмирано дека мал број студенти се запишуваат на Катедрата за македонски јазик. Дали е тоа надмината ситуација? Каква е сега ситуацијата, особено имајќи го предвид општествено-политичкиот аспект во последните години со кои се соочува македонскиот јазик, односно неговото негирање.
Зависи со што споредуваме. Ако споредуваме со бројките од пред дваесет години и на ниво на целиот факултет тие се намалени, мислам тоа не е никаква тајна, тоа сите го знаеме. Меѓутоа, ако споредиме и со некои покризни периоди кога сме имале и помалку студенти, сепак може да бидеме задоволни, секако надевајќи се дека ќе имаме и повеќе студенти кои студираат македонски јазик, македонска книжевност.
Палетата што ја нуди Филолошкиот факултет е прилично широка, единнаесет катедри, дваесет и пет јазици се изучуваат. Јас би кажал дека секој филолог што студира на на Филолошкиот факултет, секако дека покрај овие студенти кои се специјализирани за македонистика, нам секој студент ни е драгоцен, секој и ние пред сѐ работиме на квалитетот на студиите.
Многу ни е значајно секој студент што ќе излезе од Филолошкиот факултет да биде максимално компетентен во областа за која што студирал. А можеби најубав пример кој би сакал да ви го посочам да кажам дека всушност секој наш студенте, меѓу другото е и македонист, бидејќи секако изучуваат и други јазици.
Многу е широка палетата. Меѓутоа, веќе години наназад организираме преведувачки работилници. Еве, во годината на Конески излезе оваа прекрасна повеќејазична антологија, би ја нарекол, каде што песните на патронот се преведени на четиринаесет јазици од страна на нашите студенти, секако под менторство на професорите и на странските лектори.
Во годината на Шопов излезе „Пронајди збор”, исто така препеви. Го промовиравме неодамна циклусот „За светулките“ од Матеја Матевски на седумнаесет јазици.
За нашите студенти да можат да преведуваат поезија, каде што јазикот ги достигнува највисоките дострели или остварува естетска функција, потребно е огромно предзнаење. Во крајна линија на тоа е надоврзува и оваа монографија за која што говоревме.
Конески уште во четириесет и шестата веле јазикот се кове во преве во работилница, во ковачницата на преведувањето Така што може да кажеме дека сите наши студенти, се разбира пред сè студентите што студираат македонистика, но сите тие даваат придонес кон проучувањето на македонскиот јазик.
Во крајна линија и сите јазици и литератури се проучуваат споредбено. Потребна е споредба и со мајчиниот јазик, со мајчината литература, така што, мислам дека можеме да бидеме и оптимисти. Во оваа јубилејна година имаме солиден број на студенти на сите катедри, можеби намален во однос на минатото, но тоа се должи на многу фактори, и демографски секако. Многу наши млади се одлучуваат да студираат во странство, што е исто така една тенденција која е глобална, не е само кај нас и во крајна линија е убава во универзитетското образование е меѓународна, науката е исто така меѓународна.
Aкадемскиот простор е универзален, така што, многу е битна и соработката на нашите студенти, вмрежувањето, можноста да патуваат…
Секој студент на Филолошкиот факултет, меѓу другото, е и македонист.

Има ли странски студенти луѓе што студираат, странски студенти?
Да, последниве години на Филолошкиот факултет имаме значителен број странски студенти кои пред сѐ се запишуваат на едногодишните стручни студии за изучување на англискиот и на македонскиот јазик кои се потребни за да можат да студираат на другите единици на науки.
Пред две години се запишаваа сто, минатата година сто педесет, така што може да се зборува и за една нагорна тенденција раст и за интернационализација на целиот универзитет.
Добро е што ги спомнавте овие примери каде што студентите се вклучени во креирањето на работилници, учествуваат на конференции. Тоа многу важно, затоа што не е доволно да се практикува еден застарен модел на екс катедра предавања. Во таа смисла, што очекувате вие од студентите на Вашиот факултет?
Тоа е клучно и ние се обидуваме и со гордост можам да кажам дека сме во тек со сите глобални академски стандарди и процеси каде што студентите треба да бидат вклучени во наставата на активен начин, не само во онаа редовна настава, туку и со голем број други дополнителни активности.
Меѓу нив се секако преведувачките работилници кои ни се редовна појава. Еве може да го споменам меѓу најновите изданија и проектот Островски, каде што студентите од славистика го преведува овој значаен руски класик, но има и многу други.
Ги поканувам вашите гледачи да ја посетат нашата веб-страница. Сите овие изданија се достапни. Посебно се гордееме на студентските изданија, бидејќи во нив се гледа капацитетот на нашите студенти. Би сакал да го споменам и зборникот „Како си ми?”, тоа е една редовна студентска конференција.
Јубилејната десетта се одржа минатата година. Ова е зборникот од таа конференција. Студентите целосно работат на оваа научна конференција од којашто се гледа дека тие располагаат со знаење кое се навистина е на ниво на она што се работи на најпрестижните универзитети во светот.
Исто така, кога зборуваме за практичната настава. Секако, наставните насоки од сите катедри се вклучени и во текот на студиите ги следат тајните на наставниот процес. Добар дел од нашите дипломирани кадри стануваат наставници, но исто така значаен дел од нашите дипломирани студенти влегуваат во сите пори на она што се нарекува културно живеење во нашата средина и на меѓународен план. Имаат многу голема комуникација. Се вклучуваат добар дел од нив и во невладиниот сектор и во културни иницијативи, во меѓународни проекти и така натаму.
Македонскиот јазик достигнува врвни дострели и со препевите на поезијата.

Ова е важно и заради тоа што кога се промовира Филолошкиот факултет да се препознае дека уписот на факултетот практично овозможува учество во креирањето на содржините од страна на студентите.
Ќе го поврзам тоа со моите студии на Филолошки факултет, завршив на Општа и компаративна книжевност, првата генерација и тогаш имаше отпор во смисла на тоа дека не ни е потребна сега оваа катедра, зошто се дуплираат програмите.
Меѓутоа, катедрата си покажа дека имаше оправдување и ми се чини дека оваа година прославува четириесет и пет години од нејзиното основање. Во таа смисла дали на Факултетот сега постои таков тип на отвореност за прифаќање на нови модели и нови содржини, на поврзување на дисциплините, односно она што се нарекува и интердисциплинарност во креирањето на студиските содржини?
Секако дека постои. Самиот факт што го напоменавте за Катедрата за општа и компаративна, на којашто и јас предавам, која како дисциплина книжевно-научна, е фундирана практично врз таа идеја на интердисциплинарност, на трансдисциплинарни врски со многу други дисциплини, научни сознанија, постојано, таа постојана потреба за отворање на нови хоризонти во проучувањето на книжевноста и културата.
И тоа е вградено практично не само на таа катедра, туку и на Филолошкиот факултет во една постојана потреба за иновирање на наставните програми. Ние сме постојано во тек и во просторијата во којашто се наоѓаме се одржуваат седниците на деканатската управа.
Гиочекуваме измените на законот за високо образование, за да можеме да направиме иновирање, вкрстување и така натаму на содржините на студиските програми, за да бидат уште поусогласени со најновите, со најновите тенденции во образованието.
Кога зборуваме за овие тенденции, дали на тие форуми на раководните структури на Факултетот сте разговарале за новите трендови во технологијата, технолошките иновации, вештачката интелигенција и сето тоа влијае на многу аспекти на животот, па и на академијата и на студирањето и на изучувањето?
Сите сме свесни на големите технолошки промени кои дури и експертите од оваа област не можат да ги предвидат за следните неколку години, а камоли за неколку децении. Многу динамични промени. Новите технологии задират во сите аспекти на живеењето, секако, вклучувајќи го образованието на сите нивоа, од претшколското, па сѐ до високото и така натаму.
Како да ги искористиме нашиот предизвик и да ги искористиме предностите на новите технологии. Како да избегнеме, се разбира, злоупотреба на тие технологии во образованието, што секако дека е еден од глобалните предизвици, не е само кај нас.
Како да ја развиеме во крајна линија дигиталната хуманистика која секако дека е пред нас како едно ново интердисциплинарно подрачје пред нас. Затоа и интензивно работиме на елаборат и веќе имаме и работна група која работи и на подготовка на Центар за дигитална хуманистика.
Тука сме упатени на другите единици секако и тој процес на дигитализација, дигитална трансформација, секако дека се случува забрзано на ниво на цел УКИМ.
Секако дека наша цел е што повеќе да ги искористиме новите технологии во смисла да се олесни, подобри и подигне квалитетот на образованието, а секако да се избегнат сите можни други нуспојави кои би имале негативни последици.
Има зголемен број странски студенти на стручните студии за македонски јазик.

Ова го прашав и од аспект на книжевноста, на творештвото. Дали овој тип на технолошки напредок, прогрес, кој апсолутно максимално брзо се се развива, може да има некакво влијание на книжевноста на таканаречените мали јазици?
Видете, мислам дека тука има многу теми во вашето прашање. Може да го разгледуваме од повеќе агли, од повеќе перспективи. Добро. Факт е дека новите технологии земаат во буквална смисла на зборот добар дел од времето окупираат на современиот човек. Пред екраните сме сите, без разлика дали се тие мали како на нашите така наречени телефони, кои се најмалку телефони, а се сѐ друго, сè до компјутерските екрани и сите други видови. Тие можат да бидат алатки во образованието и сè де факто.
Предизвикот за книжевноста денеска е што новите, не само новите генерации, кај сите, потребата од брзи информации, од динамични медиуми, и тоа е малку негативно, што одземаат малку од фокусот и концентрацијата на современиот човек врз побавните медиуми, како што е секако книгата.
Меѓутоа, тоа не значи дека тој медиум е надминат. Напротив, мислам дека времето на книгата, иако се менувале многу технологии, од усното пренесување, па сѐ до читање на книгите од екран. Тоа покажува дека книжевноста и потребата за уметност на човекот ќе остане секогаш актуелна.
Дали современите технологии можат да го помогнат пробивот на така наречените мали литератури или литаратрурата на малите јазици?
Важно е дали сите добри, дали се соодветни на стандардите, дали се универзални во смисла на своите вредности, дали носат нешто ново во естетиката, во книжевноста. Имајќи го предвид тоа што сега го имаме како технолошки можности, некако ми доаѓа да го споредам тоа со периоди кога не постојаа такви технолошки можности, а сме сведоци историјата запишала на големи пробиви на одредени литератури. На пример се смета дека во деветнаесеттиот век или почетокот на дваесеттиот век, руската литература влегла како ураган на светската книжевна сцена.
Истото тоа може да се каже за многу други литератури, за латин-американската, германската, американската во некои понови времиња и така натаму. Може ли предностите на технологијата да бидат од помош за пробив и на, условно пак ќе кажам, малите литератури?
Несомнено дека може. Тоа го покажуваат особено брзата дисперзија на информациите што денеска е овозможена со новите медиуми. Тоа е еден огромен простор. Ако порано сме чекале книга од странство да ни стигне за икс ипсилон недели, некогаш и месеци, сега можеме да ги добиеме релативно брзо. Нашите студенти многу лесно доаѓаат до статии, до научни трудови, до книжевни дела и така натаму. Дигиталните медиуми тоа го овозможуваат.
На тоа може да се гледа секако и како на можност, шанса за промоција на сите литератури. Едноставно, глобален е тој фенокен. Се разбира, тука е многу значаен повторно преводот, се враќаме на многу значајната тема на преведувањето на македонската литература на други јазици, а тука Филолошкиот факултет ја има една своите клучни мисии. Да остручува, да оспособува. Еве овие седумдесет автори тука, секој од нив сигурно има зад себе оставено уште неколку свои наследници во сферата на книжевниот превод, така што се обидуваме да ги стимулираме студентите да учествуваат и на конкурси кои се посветени на младите преведувачи. Во соработка со делегацијата на Европската Унија се организира Вавилон, новата генерација.
Секако, наши студенти учествуваат и на конкурсот кој го организира Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија и таму исто така ги освојуваат првите награди, наградите и признанијата. Но, многу побитно е дека учествуваат активно уште во текот на студиите и да ги стекнуваат оние основни базични сознанија и да учествуваат потоа со преведување навистина на многу значајни клучни литературни творби кои денеска се создаваат на голем број јазици.
Благодарение на технологијата и на пристапот на технологијата. Како аллатка векоја како аллатка. Веќе е јавна тајна дека се користат и новите технологии. Не е тоа ништо страшно, но најбитно е тие нјанси. А секако дека книжевноста, уметноста на зборот е во нјансите во тие стилски регистри, во тие суптилности на јазичниот израз, во таа иронија, во таа да речеме некогаш во тие нјанси на изразот, некогаш дали една запирка ќе се стави, а тоа мора да го прави човекот, да не се лажеме.
Не може машината…
Машината може да го забрза процесот, да не мора да се внесува целиот текст рачно. Еве може да го споменам еден многу убав пример токму од нашиот факултет, колешката Елена Ончевска Агер, која што доби меѓународна награда минатата година од Британскиот совет токму за користење на вештачката интелигенција во процесот на менторирање.
Бидејќи менторирањето е еден од најделикатните процеси, сите знаеме, треба да се даде мотивација, знаења, во релативно кратко време некој да се остручи, да се оспособи, да се охрабри, особено во сферата на наставниците, во методиката. И тој проект покажа беше презентиран и во УКИМ и за и за останатите единици.
Тој проект покажа дека се разбира дека ако креативно повторно човечкиот фактор е клучен, креативното користење на алатките е многу битно. Така е, да. Некреативното знаеме дека води до лоши резултати.
Книжевноста и потребата за уметност на човекот ќе остане секогаш актуелна, без разлика на технологиите.

Додека се обидуваме да ги препознаеме добрите страни на напредокот на технологијата, од друга страна, од друга страна сме соочени со големи предизвици во светот што се случуваат.
И пак ќе се навратам на руската литература. Достоевски има речено: „Убавината ќе го спаси светот”. Верувате ли уште во моќта на литературата, во моќта на културата и уметноста и мајќи ги предвид сите овие предизвици со кои се соочуваме денеска, или е тоа само романтично ехо кое останало од минатото?
Би рекол дека создавањето убавина или бидувањето со убавината или рецепцијата на убавината кога читаме, кога слушаме добра музика, кога одиме на добри изложби, гледаме добри филмови и така натаму, тоа секако му дава дополнителна вредност на нашиот живот, а тоа воопшто не е малку, особено во тешки времиња.
Така што мислам дека тоа може да се толкува на многу начини „Убавината ќе го спаси светот“, ако се става во различни контексти. Секако, треба да го видиме и во матичниот контекст на литературното дело. Зошто е тоа таму кажано? Некогаш вадењето на цитатите знае да биде малку незгодно, но во суштина мислам дека е тоа една многу благородна идеја.
Мислам дека тука може да зборуваме и да се вратиме уште во антиката за спојот на доброто и убавото. Дека во секој човек има капацитет и потреба за убавина, убавина во природата, убавина во животот, убавина пред сè во уметноста и дека тоа во крајна линија не прави луѓе.
И во овие времиња кои имаат многу предизвици, како и за време на пандемијата, кога бевме дома, за добар дел од нас главниот извор на надеж беше уметноста. Таа секогаш ни нуди една перспектива на надеж, ни нуди перспектива и на критичко согледување на стварноста, што е исто многу битно.
Мислам денеска, како во секое време, но секогаш може да кажеме денеска, како никогаш порано, било потребно и е потребно и едното и другото. И критичко согледување на стварноста, но и една перспектива на надеж, тоа убавината го дава.
Ако не можеме да ја апстрактираме уметноста од времето и просторот во кои се создава, каква треба да биде врската на литературата, на уметноста со општествените процеси или со политиката, конкретно.
За да ви помогнам ќе кажам декапрепознавам многу ситуации кога литературата била во служба на политиката или уметноста. Но, не препознавам обратни ситуации каде што политиката го прегрнала уметникот или го прифатила неговото дело за да се подобри самата себеси. Дали сум во право?
Да, ова е една огромна тема. Односот меѓу уметноста, книжевноста од една страна и политиката, политичкото, општественото, од друга.
Тоа е голема тема и овие два екстреми што вие ги давате сме ги сведочеле многу пати во историјата на уметноста. Од исатели кои биле под директно меценатство на владетели.
Некои од нив биле добри за своето време, а некои навистина знаеле и да злоупотребат моќите. Сè до писатели кои биле во немилост. И ден-денеска има многу такви писатели, кои се во егзил, кои се под различни форми на закана, кои не можат да живеат во средините во кои се родени и така натаму…
Убавината ни дава критичко согледување на стварноста, но и надеж.

Да дури и постои таа естетика, литература на егзилот, нели…
Секако, и тоа е една, една многу голема и многу интересна тема.Така што, тука навистина има многу, многу поттеми ова ваше прашање. Затоа уметноста и од своите почетоци па до денеска мораме да ја разгледуваме контекстуално.
Ниедно книжевно или уметничко дело не можеме да го издвоиме од контекстот во кој е создадено и затоа се потребни студиите. Затоа ги изучуваме јазикот, книжевноста и културата заедно. Значи ние нашите катедри така и ги викаме: македонски јазик и македонска книжевност и култура, или албански јазик и книжевност, и така натаму. Значи, ние мораме да ги разгледаме во некакви политичко-општествени констелации делата кои се настанати. Но, што е она што е интересно во уметноста и во книжевноста, што постојано човековото општество се менува.
Условите во кои се чита едно книжевно дело се менуваат и нивната рецепција се менува. Значи, нешто што е настанато пред педесет години, пред сто години, пред неколку века и така натаму, поинаку го читаме денеска, поинаку ќе се чита, можеби, за десет години. Тој елемент е секако многу значаен, дека се менува и контекстот на рецепција, а сепак постои нешто што може да не поврзе и со дела создавани во други епохи, во други цивилизацији, во сосема други култури, кај кои препознаваме елементи кои не засегаат и ден-денеска.
Да се вратиме на современата македонска литература. Што е она што би го издвоиле од македонската литературна сцена? Не мора да биде конкретно, но како процеси. Дали препознаваме некои трендови за кои можеме да кажеме дека е добро што така се развиваат?
Видете, многу е динамична сцената, се обидувам да ја следам во сите нејзини сегменти.
Забележително, еве, куриозитет, деновиве се објави бројот на учесници на конкурсот посветен на литературата за деца поврзан со името на Оливера Николова, сосема оправдано. Петдесет и нешто новонастанати романи за деца за една година.
Тоа е навистина една респектабилна бројка. Чисто ви давам пример колку може да биде стимулативен дури еден конкурс кој открива колку потенцијал, креативен има кај македонските писатели. Еве, тука би го споменал секако и конкурсот роман на годината кој се обидувам да го следам. Навистина многу убави романи последниве години, не само победничките, туку и финалистите и пошироките листи.
И многу ме радува што дел од нив доживуваат и меѓународна сериозна рецепција, преведувања на други јазици и така натаму. Во сферата на поезијата исто така има интересни тенденции и може да се забележи една доста динамична сцена. Така што, еве, можам да препорачам вашите гледачи да ги следат македонските писатели. Навистина има многу интересни нови остварувања во сите жарови.
Некои писатели знаеле да ја злоупотребат моќта во врската со политиката.

Да го завршиме овој разговор со прашање кое се однесува директно на вас, на вашето творештво. Ви препознаваат како уметник, како поет, писател кој поврзува повеќе уметности.
Ако е тоа ваша лична определба и таму се пронаоѓате на тој начин со поврзување на сите тие уметности, дали тоа може да биде некаков модел за другите? Што им препорачувате на младите автори?
Јас не сум ни прв ни последен кој го практикува тоа. Уметностите се меѓусебно поврзани. Затоа и многу ми се допаѓа таа идеја дека уметностите се гранки од едно огромно дрво. Тоа го изучувам, го истражувам научно.
Тоа е примарното поле на мојот научен интерес во рамките на компаративната книжевност. Ги проучувам односите меѓу книжевноста, ликовните уметности, но во последно време работам и на студии на односот книжевност-музика.
Тоа го правеле уште најстарите поетики во најстарите времиња, во најстарите епохи, глобално на целата планета. Тоа се прави денеска.
Мене посебно ме интересира трансферот од една во друга уметност, тие интермедијални релации и почнав доста спонтано и самиот да го практикувам во дел од своите дела. Го прават многумина, но не велам дека тоа е единствениот пат.
Има многу, многу патишта. Секој уметник и автор го бара својот пат. И кога ние тоа го толкуваме од гледна точка на некаква интерпретација, секое дело бара ново читање и тоа е она што е најубаво во уметноста.
Уметноста ја промовира различноста на гледиштата.
Ви благодарам многу разговорот.
Многу ви благодарам исто така за поканата. Можеби не стигнавме да кажеме сè за најновите изданија. Ќе ги кажам насловите за да ги препорачам. Секако вашите гледачи можат да ги видат на веб страницата на нашиот факултет.
Ова е едно многу убаво издание „Мит и драма: Современи толкувања”. Направивме една многу убава конференција која замислуваме да има второто продолжение заедно со Факултетот за драмски уметности и со Институтот за литература.
Потоа едно од најновите споредбени студии „Француско-македонски јазични паралели“ на Маргарита Велевска и Мира Трајкова, нашите колешки. Исто така би сакал да го споменам и најновиот број на „Современа филологија” кој беше неодамна промовиран, кој исто така е и електронско списание, но правиме и примероци кои можат и вака да се да се видат.
И се разбира, еве, можам да најавам дека во оваа, во текот на оваа јубилејна година ќе имаме уште неколку многу значајни изданија. Би го истакнал изданието на зборникот од минатогодишната конференција посветена на јубилејот осумдесет години од стандардизацијата на македонскиот јазик. Но, и ќе има и други навистина многу убави изданија кои се во подготовка.