Грчките земјоделци денеска на средба со Мицотакис: Дијалог по 50 дена протести

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе се сретне со делегација од 25 претставници и шест набљудувачи на земјоделците од 62 блока кои веќе 50 дена протестираат низ цела Грција.

Средбата следува по условот патиштата и граничните премини да останат отворени, што и денеска се почитува, како главен предуслов на Владата за одржување на разговорите.

На средбата, земјоделците ќе го постават својот лист барања, вклучувајќи:

  • поевтина електрична енергија и гориво за сите земјоделци
  • обесштетувања за болести кај животните и за природни непогоди
  • надомест за изгубениот приход
  • преиспитување на договорот Меркосур

Во неделната објава на Фејсбук, Мицотакис истакна дека Владата се залага за дијалог, но без лесни ветувања и без потези што би ја загрозиле економската стабилност. Тој додаде дека рамката на владини интервенции е ограничена од фискалните можности, европските правила и принципите на социјална правда.

– Целта ни е праведен, транспарентен и ефикасен систем на земјоделски субвенции, кој ги поддржува вистинските производители и обезбедува перспектива за подобри приходи и квалитетни производи, напиша Мицотакис.

Протестите започнаа на 30 ноември, со блокади на автопатишта, патишта и гранични премини, а тракторите и понатаму се на улица, паркирани во една коловозна лента.

Минатата недела, премиерот се сретна со претставници на 18 земјоделски блока кои се одвоија од останатите и побараа дијалог со Владата.

Зачлени се на нашиот е-билтен