Грчките земјоделци денеска ќе одржат состаноци на кои ќе одлучат дали ќе ги продолжат блокадите на патиштата и граничните премини низ земјата, откако вчера имаа повеќечасовна средба со премиерот Киријакос Мицотакис.
Првичните реакции по средбата не беа охрабрувачки. Земјоделците кои учествуваа на четиричасовниот состанок со грчкиот премиер изјавија дека не се задоволни од понудените решенија, но конечната одлука за натамошните чекори ќе биде донесена денеска, по консултациите меѓу синдикалните претставници и локалните земјоделски здруженија.
До донесувањето на одлуката, граничните премини и главните патни правци во Грција остануваат отворени, со можност за нови блокади во текот на денот.
Протестите траат од крајот на ноември
Протестите на грчките земјоделци започнаа на 30 ноември минатата година, кога со трактори ги блокираа автопатиштата, регионалните патишта и граничните премини. Главните причини за нивниот револт се:
- високите трошоци за производство,
- ниските откупни цени на земјоделските производи,
- доцнењето на субвенциите од Европската Унија,
- како и недоволната поддршка од државата во услови на зголемени трошоци за енергенси и ѓубрива.
Иако грчката влада најави одредени олеснувања, земјоделците сметаат дека понудените мерки не се доволни за да се надмине кризата во секторот.
Дали протестите ќе продолжат или ќе има привремено смирување на состојбата, ќе биде познато по денешните состаноци на земјоделските здруженија.