Казните од проектот „Безбеден град“ ќе пристигнуваат со приложени фотографии како доказ за прекршокот, изјави Астрит Исени, заменик министер за внатрешни работи, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
„Казната ќе содржи фотографија. Таа ќе покаже дали возачот носел сигурносен појас или зборувал на телефон додека управувал со возилото“, истакна Исени.
Министерството појасни дека целта на овој проект не е само казнување на граѓаните, туку и подигнување на свеста за внимателно и безбедно возење.
Со воведувањето на доказните фотографии, надлежните очекуваат поголема ефективност во контролата и намалување на ризиците на улиците, особено за време на викендите и во урбаните зони каде што сообраќајот е поголем.
Проектот „Безбеден град“ веќе ја покрива главната сообраќајна мрежа во Скопје, а воведувањето на визуелни докази е следен чекор кон модернизирање на системот за контрола на сообраќајот.