Илјадници граѓани низ Соединетите Американски Држави излегоа на улиците протестирајќи против имиграциската политика на претседателот Доналд Трамп и дејствувањето на Службата за имиграција и царина (ICE).
Протестите се одржаа на првата годишнина од почетокот на вториот мандат на Трамп, а беа поттикнати од засилените акции против мигранти, кои предизвикаа силна јавна реакција. Особено внимание привлече инцидентот во кој федерални агенти извлекле американска државјанка од автомобил, како и убиството на активистката Рене Гуд во Минеаполис пред неколку недели.
Маршеви низ градовите: „Без ICE, без фашизам“
Стотици демонстранти се собраа во Вашингтон, но и во помали градови како Ашвил, Северна Каролина, каде што маршираа низ центарот извикувајќи:
„No ICE, no KKK, no fascist USA“, покажуваат снимки објавени на социјалните мрежи, пренесува „Ројтерс“.
Протести имаше и на универзитетски кампуси. Студенти во Кливленд, сојузната држава Охајо, порачаа:
„Без омраза, без страв – бегалците се добредојдени“, додека средношколци во Санта Фе, Ново Мексико, ја напуштија наставата за да учествуваат на протестот под мотото „Запрете го ICE теророт“ пред зградата на локалниот парламент.
Протести против депортациите и притворските центри
Акциите ги организираа левичарски и граѓански организации како „Indivisible“ и „50501“, заедно со синдикати и активисти кои се противат на притворските центри за мигранти.
Особено е посочен центарот во Ел Пасо, Тексас, каде, според податоци на федералните власти, во последните шест недели починале три лица.
Протести беа одржани и во западните делови на земјата, меѓу кои Сан Франциско и Сиетл.
Јавноста сè покритична кон администрацијата
Иако администрацијата на Трамп тврди дека има мандат од гласачите за масовни депортации на илегалните мигранти, последните анкети покажуваат дека мнозинството Американци не ја поддржуваат употребата на сила од страна на ICE и другите федерални служби.
Протестите се одвиваат во чувствителен политички момент, додека администрацијата се соочува со сè поголем притисок од јавноста, граѓанските организации и дел од академската заедница.