Шпанија повторно е потресена од тешка железничка несреќа. Приградски воз излета од шините во близина на Барселона, при што загина машиновозачот, а најмалку 20 лица се повредени, од кои четворица се во критична состојба, соопштија шпанските власти.
Несреќата се случила на приградска линија во близина на местото Гелида, во каталонската покраина, откако заштитен ѕид се урнал врз железничката пруга. Според првичните информации, возот не успеал навреме да закочи и излетал од шините.
Шпанскиот весник El País јавува дека истрагата покажува оти обилните дождови во изминатите денови ја ослабнале инфраструктурата, што најверојатно довело до уривање на ѕидот. Железничкиот сообраќај на оваа линија е целосно прекинат, а патниците биле евакуирани.
Истовремено, уште еден инцидент е регистриран во Каталонија – во близина на Жирона, каде што воз излетал од шините откако камења паднале на пругата поради силно невреме. Во тој случај нема повредени.
Оваа несреќа доаѓа само два дена по катастрофалниот судир на два воза кај Кордоба, во кој загинаа најмалку 41 лице. Спасувачките екипи и понатаму работат на расчистување на остатоците, а властите предупредуваат дека конечниот број жртви сè уште не е официјално потврден.
Шпанската влада најави вонредни безбедносни контроли на железничката инфраструктура, особено на делниците погодени од екстремни временски услови, со цел да се спречат нови трагедии.