Данците „ја купуваат“ Калифорнија: Сатирична петиција со над 280.000 потписи како одговор на Трамп и Гренланд

САТИРА со силна политичка порака – така најкратко може да се опише онлајн-петицијата со која Данците „повикуваат“ нивната земја да ја купи Калифорнија. Кампањата, која досега собра повеќе од 280.000 потписи, е директна реакција на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можноста САД да го преземат Гренланд, пишува „Њузвик“.

Петицијата е покрената на веб-страницата Denmarkification.com, под слоганот „Да ја направиме Калифорнија повторно голема“, алудирајќи на познатиот слоган на Трамп. Во сатиричен стил, авторите предлагаат Данска да ја купи најнаселената американска сојузна држава, да ја преименува во „Нова Данска“, а Дизниленд да го претвори во „Земја на Ханс Кристијан Андерсен“.

Во кампањата се ветуваат и велосипедски патеки низ Беверли Хилс, како и Мики Маус со викиншка кацига – сѐ со цел да се исмее апсурдноста на идејата за купување територии меѓу суверени држави.

Повод за сатиричната акција се повторените изјави на Доналд Трамп дека Гренланд е од „стратешко значење“ за САД, изјави кои наидоа на остри реакции од европските лидери. Дополнително, Трамп се закани и со воведување царини од 10 отсто за увоз од неколку европски земји, што дополнително ја вжешти политичката атмосфера.

Авторот на петицијата, Ксавије Дутo, кој има швајцарско-француско потекло, изјави дека идејата ја добил додека бил на одмор на Филипините, кога слушнал американски турист како сериозно дискутира за „купувањето на Гренланд“.

„Тој човек воопшто не сфаќаше колку е апсурдно и вознемирувачки еден претседател – особено на земја што се смета за стабилна демократија – да зборува за преземање територија на друга држава“, изјави Дутo за Newsweek, пренесува Index.hr.

Кампањата, како што велат нејзините креатори, е „сто проценти реална – во нашите соништа“, а нејзиното седиште, иронично, се наоѓа „некаде на Земјата, од стратешки и економски причини“.

Со оваа сатирична акција, иницијаторите сакаат да укажат на опасноста од нормализирање на реториката која го доведува во прашање суверенитетот на државите – дури и кога доаѓа во форма на „шега“.

Зачлени се на нашиот е-билтен