Снегот го наруши јавниот превоз: Скратени линии на ЈСП, проблеми со струјата во неколку региони

ЈСП
Фото: Надица Ангеловски, Рацин.мк

Снежните врнежи и ниските температури предизвикаа низа проблеми низ државата, а најмногу беа погодени делови од патната инфраструктура и јавниот превоз во Скопје, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според утринскиот извештај на ЦУК, поради отежнатите временски услови, дел од приградските автобуски линии на ЈСП Скопје не сообраќаат до крајните дестинации. Станува збор за линиите 11, 64, 74, 80 и 81, кои се скратени поради снег и појава на голомразица на одредени делници.

Од ЈСП апелираат до граѓаните да ги следат официјалните известувања и да планираат навремено, додека екипите на терен интервенираат согласно условите.

Проблеми и во другите региони

Во Битолскиот регион, на патниот правец Крушево – Пуста Река се интервенира со механизација, а патот е прооден само за возила со зимска опрема. Во Демир Хисар, поради дефект на електричната мрежа, без струја се корисниците во селото Големо Илино, каде што екипите на ЕВН работат на санација.

Во Кичево, патиштата кон планинските села сè уште се расчистуваат, додека во Виница е регистрирана појава на голомразица, поради што се препорачува внимателно возење.

Во Општина Ранковце, во тек е расчистување на патиштата кон селата Герман и Огут.

Надлежните апелираат до граѓаните да возат внимателно, да користат задолжителна зимска опрема и да ги следат препораките на институциите, особено во утринските и вечерните часови кога постои ризик од замрзнување на коловозите.

Состојбата се следи континуирано, а нови информации ќе бидат објавени во текот на денот.

Зачлени се на нашиот е-билтен