Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека Данска нема да преговара за својот суверенитет, по објавувањето на новиот рамковен договор на НАТО за безбедноста на Арктикот, нагласувајќи дека станува збор за прашање што ја засега целата Алијанса, а не само една држава.
Во официјално соопштение, Фредериксен истакна дека е „добро и природно“ темата за Арктикот да биде разгледувана меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, особено во контекст на зголемените геополитички тензии во регионот.
„Безбедноста на Арктикот е прашање за целиот НАТО. Затоа е сосема логично оваа тема да се отвори на највисоко ниво. Кралството Данска со години се залага за поголемо присуство и ангажман на НАТО во Арктикот“, изјави Фредериксен.
Таа потврди дека е во постојан контакт со генералниот секретар на Алијансата и дека разговарала со него и пред и по неговата средба со американскиот претседател на Светскиот економски форум во Давос.
„За суверенитет не се преговара“
Данската премиерка нагласи дека владата во Копенхаген целосно ги координирала своите чекори со властите во Гренланд и дека НАТО е запознаен со официјалниот став на Данска.
„Можеме да разговараме за безбедност, инвестиции и економија, но не и за нашиот суверенитет. Одлуките што се однесуваат на Данска и Гренланд можат да ги донесат само тие две страни“, нагласи Фредериксен.
Таа додаде дека Данска е подготвена да продолжи со конструктивен дијалог со сојузниците за зајакнување на безбедноста на Арктикот, вклучително и за американската иницијатива позната како „Златна купола“, но исклучиво со почитување на територијалниот интегритет на земјата.
Трамп се повлече од тарифите, но прашањата остануваат
Изјавата на данската премиерка следува по вчерашниот пресврт на американскиот претседател Доналд Трамп, кој на Светскиот економски форум во Давос објави дека се повлекува од најавеното воведување царини кон неколку европски земји, откако бил постигнат нов рамковен договор со НАТО за арктичката безбедност.
Трамп изјави дека договорот исклучува употреба на сила за преземање на Гренланд, што донесе олеснување меѓу европските сојузници.
Сепак, според агенцијата АП, и понатаму остануваат многу нејаснотии околу тоа што точно содржи договорот и какви обврски преземаат страните во однос на Арктикот.