Околу дваесетина држави досега го прифатиле повикот на американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучат кон т.н. „Одбор за мир“, додека дел од европските земји учеството го одбиле, а други сè уште не се изјасниле, пренесува агенцијата АП.
Одборот, со кој лично претседава Трамп, првично бил замислен како мала група светски лидери што ќе го надгледуваат спроведувањето на евентуален прекин на огнот во Газа. Сепак, според информациите од Белата куќа, амбициите на американската администрација се значително проширени, а поканите се испратени до неколку десетици држави, со најава дека телото би можело да има улога на посредник и во други меѓународни конфликти.
Според американски официјални претставници, на кои се повикува АП, се очекува околу 30 земји да станат дел од иницијативата, од вкупно околу 50 поканети.
Земји што го прифатиле повикот
Меѓу државите кои досега се согласиле да учествуваат се:
Аргентина, Ерменија, Азербејџан, Бахреин, Белорусија, Египет, Унгарија, Индонезија, Јордан, Казахстан, Косово, Мароко, Пакистан, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Узбекистан и Виетнам.
Земји што одбиле учество
Учество, барем засега, одбиле:
Франција, Норвешка, Словенија и Шведска.
Земји кои сè уште не одговориле
Меѓу државите што сè уште не се изјасниле се:
Велика Британија, Камбоџа, Кина, Хрватска, Германија, Индија, Италија, Европската комисија, Парагвај, Русија, Сингапур и Украина.
Иницијативата на Трамп доаѓа во период на зголемени глобални тензии и отвора бројни прашања околу улогата на САД во меѓународното посредување, како и околу легитимитетот и мандатот на новоформираниот Одбор.