Данската премиерка Мете Фредериксен повика на „конструктивни“ разговори за Гренланд, но со јасна црвена линија: територијалниот интегритет и суверенитетот не се тема за пазарење. Нејзината порака дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека се повлекува од заканите со царини кон европски држави кои се спротивставуваат на неговите планови за Гренланд, и најави дека се работи на модел за договор што би ги „задоволил сите“.
„Можеме да преговараме за сите политички прашања, безбедност, инвестиции, економија, но не можеме да преговараме за нашиот суверенитет“, изјави Фредериксен, обидувајќи се истовремено да ја смири кризата и да ја закотви позицијата на Копенхаген пред сојузниците. Според неа, Данска ќе продолжи со дијалог со партнерите за зајакнување на безбедноста во Арктикот, но само ако тоа се прави со почитување на територијалниот интегритет на Кралството Данска и самоуправниот Гренланд.
Трамп, пак, по средбата со генералниот секретар на НАТО Марк Руте во Давос изјави дека разговарале за „рамковен модел за иднината“, по недели тензии кои ја ставаа НАТО-алијансата во непријатна позиција: како да се зборува за „заедничка безбедност“ додека Вашингтон притиска со економски санкции кон дел од сојузниците. Фредериксен рече дека била информирана оти разговорите Трамп–Руте не вклучувале отстапки за суверенитетот на Данска или на Гренланд, што е првата обид за контрола на штетата во наративот што го турка Белата куќа.
Во рамки на арктичката агенда, данската премиерка експлицитно го спомена и американскиот ракетен одбранбен систем „Златна купола“, како поле за соработка, но со условот што го повторува цела недела: безбедност да, територијална прекомпозиција не. Руте, од своја страна, соопшти дека имал „многу добар разговор“ со Трамп и дека членките на НАТО треба заеднички да работат на арктичката безбедност не само околу Гренланд, туку и во поширокиот круг на сојузнички држави со територии во регионот.
Руте ја постави и геополитичката рамка која Трамп ја користи како аргумент: да се спречи Кина и Русија да добијат економски или воен пристап до Гренланд. Токму преку тој безбедносен јазик Вашингтон ја легитимира намерата за „контрола“, иако САД веќе имаат воено присуство на островот и договор со Данска што дозволува проширување на присуството.
Поворката на настани што ја произведе кризата се движеше брзо. Трамп се повлече од заканите дека ќе користи царини како средство за притисок и ја исклучи употребата на сила, откако претходно најави 10% царини за увоз од Данска и уште неколку европски држави доколку не се откажат од противењето на неговите планови за Гренланд. Во Брисел, паралелно, европските лидери се подготвуваа за вонредни консултации за тоа како да се одговори на непредвидливиот притисок од Вашингтон и на впечатокот дека трансатлантските врски се сериозно нарушени.