Собранието денеска се очекува да даде зелено светло за воведување на системот „Безбеден град“, со кој камерите поставени во Скопје, Тетово и Куманово ќе почнат не само да регистрираат, туку и автоматски да санкционираат сообраќајни прекршоци. Законот се носи со двотретинско мнозинство, по претходен политички договор меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Со неговото стапување во сила, од 1 февруари, системот ќе започне со примена во првата фаза, во која ќе се санкционираат најчестите и најопасни сообраќајни прекршоци – пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, непрописно паркирање и возење со истечена регистрација. Според најавите, камерите ќе функционираат по истиот принцип како и полициските радари, со вклучена толеранција при мерењето.
Од Министерството за внатрешни работи уверуваат дека системот веќе дал резултати за време на тест-фазата. Министерот Панче Тошковски изјави дека само во пробниот период биле спасени девет човечки животи, нагласувајќи дека целта не е казнување, туку превенција и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Од друга страна, СДСМ останува на ставот дека нема да го поддржи законот. Од опозициската партија предупредуваат на можни злоупотреби и недоволна заштита на личните податоци, оценувајќи дека државата не смее да воведува системи за масовен надзор без јасни и прецизни гаранции.
И покрај противењето, владејачкото мнозинство е уверено дека законот ќе помине и дека Македонија конечно ќе добие функционален систем за контрола на сообраќајот, сличен на оние што одамна функционираат во европските метрополи.
Со денешното гласање, „Безбеден град“ влегува во клучна фаза, а неговата примена ќе биде првиот сериозен тест за тоа дали државата е подготвена за дигитален надзор во функција на јавната безбедност.