Рестартирањето на најголемата нуклеарна централа во светот, Кашивазаки-Карива, е привремено запрено само еден ден откако беше повторно пуштена во работа, откако се активирал аларм во системот за следење, соопшти операторот „Токио Електрик Пауер Компани“ (ТЕПКО).
Централата, која се наоѓа во префектурата Ниигата, беше затворена по нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011 година, а процесот на нејзино рестартирање започна завчера, откако доби конечно одобрение од јапонскиот нуклеарен регулатор.
Од ТЕПКО информираат дека за време на процедурите за активирање на реакторот се вклучил аларм во системот за надзор, по што веднаш биле прекинати сите активности.
„Не очекуваме ова да се реши во наредните ден или два. Во моментов немаме точна проценка колку ќе трае процесот. Наш приоритет е целосно да ја утврдиме причината за појавата“, изјави менаџерот на централата, Такејуки Инагаки, на прес-конференција.
Портпаролот на компанијата, Такаши Кобајаши, за агенцијата АФП изјави дека, откако станало јасно дека проблемот нема брзо да се реши, биле повторно вметнати контролните прачки во реакторот, со што процесот на фисија е целосно запрен.
„Реакторот е стабилен и во моментов нема никакво радиоактивно влијание врз околината“, нагласи Кобајаши.
Контролните прачки се клучен елемент во нуклеарните реактори – нивното вадење ја засилува нуклеарната реакција, додека нивното враќање ја успорува или целосно ја запира.
Кашивазаки-Карива е најголемата нуклеарна централа во светот според инсталираниот капацитет и располага со седум реактори, од кои засега само еден беше подготвен за рестартирање.
Централата беше затворена во 2011 година, кога Јапонија практично се откажа од нуклеарната енергија по катастрофалниот земјотрес и цунами што доведоа до топење на реакторите во Фукушима.
Иако јапонската влада во последните години се обидува повторно да ја активира нуклеарната енергетика поради енергетската криза, рестартирањето на Кашивазаки-Карива наидува на силен отпор кај локалното население. Според анкета спроведена во септември минатата година, околу 60 отсто од жителите се против повторното активирање на централата, додека 37 проценти го поддржуваат процесот.