Намалена видливост и зимски услови на патиштата – надлежните апелираат на внимателно возење
Намалена видливост поради магла утрово е забележана на планинскиот превој Плетвар, како и во неколку градови низ државата, информира Јавното претпријатие „Македонија пат“. Според нивните податоци, видливоста на Плетвар е намалена до 50 метри, во Тетово до 100 метри, во Струмица до 80 метри, а во Делчево до околу 100 метри.
Од претпријатието наведуваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, при што е потребна зголемена претпазливост од страна на возачите. На граничните премини од македонска страна, засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Поради повремени врнежи од снег во одредени делови од земјата, надлежните апелираат на внимателно управување со возилата и задолжителна употреба на зимска опрема. Екипите на „Македонија пат“ заедно со службите на Министерството за транспорт се постојано на терен и спроведуваат координирани активности со цел да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци што минуваат низ котлини, клисури и речни долини, каде постои зголемена можност за појава на одрони и намалена видливост. Како покритични делници се издвојуваат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Надлежните повторно апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да возат внимателно, со цел да се избегнат сообраќајни незгоди во вакви временски услови.