Платите доцнат, трпението пресуши: Вработените во Македонска пошта излегоа на протест

Македонска

Незадоволството меѓу вработените во Македонска пошта денеска ескалираше во организиран протест низ повеќе градови во државата, откако платата за месецот сè уште не им е исплатена, иако веќе е 23 јануари. Вработените предупредуваат дека доколку состојбата не се реши веднаш, ќе следуваат поригорозни мерки, вклучително и целосен штрајк.

Протестите се одржаа пред објектите на Македонска пошта во повеќе градови, а синдикалните претставници порачаа дека трпението е исцрпено. Според нив, раководството било навремено известено дека доколку платата не биде исплатена до средината на месецот, ќе следуваат протести.

– Бевме јасни и коректни. Побаравме навремена исплата на заработеното. Наместо одговор, добивме молк. Затоа денеска сме тука – порачаа вработените.

Освен доцнењето на платите, работниците алармираат и за сериозно влошени услови за работа. Дел од поштенските објекти, како што велат, се без греење, без соодветна опрема, а во некои простории сè уште има и азбест, што претставува директна закана по здравјето.

– Работиме во услови кои одамна не се достојни за 21 век. Немаме основни услови, а сега и платата ни доцни. Ова е навреда за секој вработен – велат од протестот.

Од синдикатот порачуваат дека доколку и следната плата не биде исплатена навреме, како што било ветено, ќе се пристапи кон целосен прекин на работниот процес на ниво на целата држава.

Засега, од менаџментот на Македонска пошта нема официјален став за причините за доцнењето, ниту пак за тоа кога вработените ќе ги добијат своите примања.

Протестот денеска испраќа јасна порака – трпението на поштарите е на крај, а институционалната неодговорност повеќе нема да се премолчува.

Зачлени се на нашиот е-билтен