Филипче на 31. Конгрес повика на единство и акција: СДСМ излегува на терен за Македонија

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на отворањето на денешниот Конгрес на партијата во хотелот „Александар Палас“ порача дека партијата влегува во нова фаза на мобилизација, со јасна порака за единство и борба за државата.

„Се завршува времето на поделби. Вратите на СДСМ се отворени за секој кој ѝ мисли добро на Македонија – за работници, интелектуалци, и сите социјалдемократи“, истакна Филипче. Тој нагласи дека нема простор за лични суети и предавства: „Кој мисли да биде Тројански коњ на опозицијата, нека си замине веднаш. Сега излегуваме на терен, ќе чукнеме на секоја врата, за да ја разбудиме Македонија.“

Филипче ја опиша партијата како клучен столб во државата, со историска улога во одбраната на националните интереси: „Ние сме наследници на храбрите кои во 1944 година кажаа дека тука ќе има држава. СДСМ е како имунолошки систем на општеството – го штити и го води напред кога е најтешко.“

Во својот говор, тој остро ја критикуваше актуелната власт, оценувајќи дека граѓаните се соочуваат со „брутално отрезнување“ и дека ветувањата за гордост се заменети со економска и социјална несигурност.

„Ова е собир за спас на македонското достоинство. Ни ветуваа гордост, а ни донесоа борба за основните потреби“, рече Филипче, повикувајќи ги членовите на партијата да бидат активни и да излезат на терен за државата и за граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен