Божиновска: Без жените нема енергетска иднина транзицијата бара знаење, храброст и еднаквост

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на почетниот настан на проектот PULSE и Мрежата на жени на ЕВН Македонија, испраќајќи силна порака дека енергетската транзиција не може да се реализира без целосно вклучување на жените.

Во своето обраќање, таа нагласи дека енергетиката не е само технички, туку и длабоко општествен процес, во кој еднаквоста и инклузивноста се предуслов за одржлив развој.

„Енергетиката е ’рбетот на државата, а жените се нејзиниот неискористен потенцијал. Ако ја исклучиме половина од човечкиот капацитет – тогаш веќе сме во енергетски дефицит“, истакна Божиновска.

Таа порача дека новиот енергетски систем не може да се гради со стари модели и дека вистинската трансформација бара жени на местата каде што се носат одлуките, се водат процесите и се креираат политиките.

Министерката потсети дека енергетскиот сектор минува низ најдлабоката трансформација во својата историја – од декарбонизација и дигитализација до интеграција на обновливи извори и паметни мрежи – процеси кои бараат аналитичност, иновативност и флексибилност.

Како важен показател за напредокот, Божиновска го посочи фактот дека во 2024 година, за првпат, соларната енергија во земјава го надминала капацитетот на хидроенергијата – чекор што претставува и успех и сериозен предизвик за енергетскиот систем.

„Модерната енергетика бара лидерство што знае да води промени. Различноста не е прашање на рамноправност, туку предуслов за квалитетни и одржливи решенија“, нагласи таа.

Осврнувајќи се на бариерите со кои се соочуваат жените во секторот, министерката истакна дека проблемот не е во недостиг на самодоверба, туку во застарени корпоративни структури и нефлексибилни системи.

„Ова не е прашање на љубезност, туку на паметна деловна одлука. Тимовите со родова разновидност носат повеќе иновации, подобри резултати и подобро управување со ризици“, порача Божиновска.

Таа ја поздрави улогата на ЕВН Македонија како потписник на Принципите за зајакнување на жените на ОН и иницијатор на проектот PULSE, оценувајќи дека ваквите иницијативи се двигател на современата енергетика.

„Одржливата енергија бара одговорни компании, а одговорните компании бараат лидерство што отвора можности. PULSE и Мрежата на жени во ЕВН се токму тоа – пулсот на новата енергетика“, истакна таа.

Во завршницата, министерката упати порака до младите жени во секторот:

„Не чекајте дозвола за да водите. Заземете го своето место, кажете ги своите идеи гласно. Посилни сте отколку што мислите.“

Министерството за енергетика, како што истакна Божиновска, останува посветено на интегрирање на родовата компонента во сите енергетски политики и стратегии, со цел градење одржлив, модерен и правичен енергетски систем.

Зачлени се на нашиот е-билтен