Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ соопшти дека државата наплатила вкупно 2.274.285 денари персонален данок од средствата собрани преку донации за помош на настраданите во пожарот во кочанското кабаре „Пулс“.
Според објавените информации, вкупниот износ на собраните донации изнесува 22.742.997 денари, а неодамна била реализирана и третата, воедно и последна распределба на средствата.
Во рамки на оваа распределба биле опфатени донациите од Македонската православна епархија за Европа, кои обезбедиле 3.153.204 денари.
„Со цел помошта да стигне таму каде што е најпотребна, одлучено е 123 лица да добијат по 15.968 денари, а 19 лица по 45.992 денари“, соопштуваат од „Сапорт Кочани“.
Од иницијативата упатија благодарност до НЛБ Банка, која ги ослободила од банкарска провизија, но посочија дека за оваа распределба бил пресметан данок во износ од 315.292 денари.
„Вкупниот износ на данок што државата го наплати од сите три распределби изнесува 2.274.285 денари. Благодарни сме на сите хумани граѓани и донатори кои помогнаа во овие тешки моменти“, наведуваат од иницијативата.
Потсетуваат дека во трагичниот пожар во кочанското кабаре „Пулс“ животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени. Набргу по трагедијата беше формирана граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“, со цел да се обезбеди итна и транспарентна помош за погодените семејства.