Зеленски: Во Абу Даби се отвори простор за разговори за крај на војната, можна нова средба веќе следната недела

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, оцени дека трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, одржани во Абу Даби, биле конструктивни и отвориле можност за понатамошни дипломатски чекори кон завршување на војната.

Во објава на Телеграм, Зеленски соопшти дека фокусот на разговорите бил ставен на можните рамки за прекин на конфликтот и на безбедносните гаранции кои би го следеле евентуалниот мировен процес.

„Главната тема беше како да се дојде до завршување на војната и кои безбедносни механизми би го обезбедиле тој процес. Важно е што постои разбирање дека САД треба да имаат активна улога во следењето и гарантирањето на стабилноста“, наведе украинскиот претседател.

Според него, по завршувањето на разговорите, сите делегации се согласиле да ги информираат своите државни раководства и да ги усогласат следните чекори. Зеленски најави дека веќе постои подготвен список на прашања што би биле тема на нова рунда разговори, која би можела да се одржи веќе следната недела, доколку постои политичка волја од сите страни.

„Украинската страна е подготвена за продолжување на дијалогот. Сега очекуваме извештаи и јасни сигнали дали има подготвеност за реален напредок“, порача тој.

Украинската делегација на состанокот ја предводел секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, додека американската страна била претставена од специјалниот пратеник Стив Виткоф, советникот на Белата куќа Џаред Кушнер и секретарот на американската армија Ден Дрискол. Во руската делегација учествувале претставници на военото разузнавање и армијата.

Разговорите во Абу Даби се оценуваат како еден од ретките директни дипломатски обиди во последниот период во кои се разгледуваат конкретни сценарија за деескалација на конфликтот.

Зачлени се на нашиот е-билтен