Смртоносен пожар ја потресе Грција: три жртви, две лица исчезнати во фабрика за бисквити

Во голем пожар што рано утринава избувна во фабрика за производство на бисквити во грчкиот град Трикала, загинаа три жени, две лица се водат како исчезнати, а седуммина се повредени, јавуваат грчките медиуми.

Пожарот избувнал околу 4 часот наутро во фабриката „Виоланда“, за време на ноќната смена, кога во погонот работеле 13 лица. Според првичните информации, по избувнувањето на пожарот следеле и неколку силни експлозии, чиј одек се слушнал и во околните населени места, како и во центарот на Трикала, оддалечен околу шест километри од фабриката.

На местото на настанот интервенирале 40 пожарникари со 13 противпожарни возила, а во гаснењето биле вклучени и цистерни на општинските служби. Пожарот бил локализиран по неколку часа, по што биле пронајдени телата на трите загинати жени.

Според грчките власти, уште две вработени лица се водат како исчезнати, а потрагата по нив сè уште трае.

Министерот за здравство на Грција, Адонис Георгијадис, изјави за телевизијата „Скај“ дека во болницата во Трикала биле пренесени шестмина вработени и еден пожарникар. Сите се во стабилна состојба, претежно со проблеми со дишењето поради вдишување чад.

Причините за пожарот засега не се познати, а надлежните служби најавија истрага за утврдување на околностите под кои дошло до несреќата.

Зачлени се на нашиот е-билтен