Српскиот претседател Александар Вучиќ остро ги критикуваше министрите на седница на Владата на Србија, незадоволен од нивната работа, неефикасноста на институциите и односот кон граѓанските проблеми, особено во услови на енергетска криза и зимски услови.
На седницата, посветена на подготовките за „Експо 2027“, министерот за финансии Синиша Мали информираше дека досега 132 земји го потврдиле учеството, дека се потпишани договори со 41 држава, а уште 16 се подготвени за потпишување. Тој најави изградба на павилјони, хотел со четири ѕвездички, 1.500 станови и нов национален стадион.
„Не сте избрани за да одите на егзотични дестинации“
По презентацијата, Вучиќ остро реагираше, нагласувајќи дека министрите мора да покажат одговорност и ангажман.
„Презентацијата е добра, но реалноста е поинаква. Луѓето се смрзнуваат, нема струја, а некои од вас беа на одмори. Народот не ве избра за да ве гледа на егзотични дестинации, туку да работите“, порача Вучиќ.
Тој директно ги критикуваше директорите на јавните претпријатија, наведувајќи дека дел од граѓаните во Ивањица, Лозница и Ваљево останале без електрична енергија.
„Ако немате енергија и волја да решавате проблеми – напуштете ги функциите“, рече претседателот.
„Нема викенди, нема празници“
Вучиќ му се обрати и на премиерот Ѓуро Мацут, барајќи од него да ги извести министрите дека во кризни ситуации нема одмор.
„Или тие ќе работат, или вие ќе ги смените – или јас ќе го направам тоа“, порача тој.
Особено остар беше во однос на проблемите со здравствениот систем и недостатокот на амбулантни возила.
„Како е можно да немаме амбулантни возила затоа што некој не склучил договор? Луѓето умираат, а вие зборувате за процедури“, рече Вучиќ, додавајќи дека „администрацијата не смее да биде изговор“.
Критики за дипломатијата и образованието
Претседателот се осврна и на дипломатскиот кадар, обвинувајќи дека дел од дипломатите избегнуваат потешки мисии и сакаат позиции во престижни градови.
„Не сте вие тука да бирате каде ќе работите. Државата одлучува“, рече тој.
Тој упати критики и за состојбата во образованието и науката, оценувајќи дека блокадите и неработењето ѝ нанеле долгорочна штета на државата.
„Изгубивме години. Мора да се фокусираме на иднината, а не на удобноста“, нагласи Вучиќ.
Предупредување за нов студен бран
На крајот, Вучиќ предупреди дека Србија ја очекува нов бран студено време и дека нема да толерира пропусти во снабдувањето со електрична енергија.
„Ако повторно има проблеми со струјата – ќе има разрешувања. Луѓето мора да имаат топлина и струја“, порача тој.