Легендарните Kraftwerk, бендот што засекогаш ја промени историјата на модерната музика, по третпат доаѓаат во Скопје – овојпат со голем open air концерт, во рамки на нивната актуелна „Multimedia 2026“ турнеја.
Ако постои бенд за кој со право може да се каже дека и денес живее во иднината, тогаш тоа се токму Kraftwerk. Пионерите на електронската музика, визионерите кои ја поставија основата на техно, електро, синт-попот и хип-хопот, на 25 јули ќе настапат на Стадионот на АРМ, најубавата летна сцена во Скопје.
Ова нема да биде нивна прва средба со македонската публика. Напротив – Kraftwerk имаат посебна историја со Скопје. Во 2018 година токму тие го отворија фестивалот Таксират, со настап кој и денес се памети како еден од највпечатливите електронски концерти кај нас. Уште 13 години претходно, тие веќе еднаш настапија во градот, што го прави овој концерт нивно трето доаѓање во Скопје – реткост која дополнително ја нагласува врската меѓу бендот и македонската публика.
Добитници на Grammy Lifetime Achievement Award и членови на Rock & Roll Hall of Fame, Kraftwerk одамна не се само бенд – тие се културен феномен. Група која уште во 70-тите години го постави прашањето за односот помеѓу човекот и машината, тема што денес, во ерата на вештачката интелигенција, е поактуелна од кога било.
Нивното влијание е немерливо. Без Kraftwerk, модерната музика би изгледала сосема поинаку. Од Daft Punk, Depeche Mode и David Bowie, па сѐ до Kanye West, бројни светски имиња отворено признаваат дека токму Германците биле нивната најголема инспирација.
Она што ги прави уникатни е фактот што Kraftwerk никогаш не биле само бенд со албуми – тие се целосен концепт. Звукот, визуелниот идентитет, минимализмот, технологијата и перформансот се споени во едно уметничко дело кое се развива веќе повеќе од пет децении.
И токму затоа нивниот настап не е само концерт, туку мултимедијално искуство – патување низ минатото, сегашноста и иднината на електронската музика.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба во среда, 28 јануари, од 10:00 часот, онлајн на avalonbooking.mk и во продажната мрежа на karti.com.mk, по следниве цени:
- Партер: 1.990 денари
- Фан пит: 2.990 денари (ограничено – само 1.000 билети)
Скопје повторно ќе биде дел од музичката историја.
Kraftwerk се враќаат – таму каде што иднината веќе еднаш започна.