Словенија годинава ја зголемува минималната плата на 1.482 евра бруто месечно, што е раст од 15,97 проценти во однос на лани, најави словенечкиот министер за труд Лука Месец. Новата минимална плата стапува на сила од јануари и, според објаснувањата на владата, треба да ја помести најниската заработка над прагот на сиромаштија за вработен што работи полно работно време.
Во нето-износ, минималната плата ќе варира во зависност од даночните олеснувања и семејниот статус, но за самец без деца се проценува на околу 1.000 евра. Зголемувањето, според најавите, е резултат на пресметка што ги зема предвид инфлациските движења и потребата минималната плата да има реална заштитна функција, а не да биде само статистичка категорија.
Истовремено, мерката отвора и старо-нов судир меѓу синдикатите и работодавачите. Синдикалните организации го поздравија растот како чекор кон поголема социјална сигурност, додека дел од бизнис-заедницата предупреди дека наглиот скок ќе создаде притисок врз трошоците и ќе ја „компресира“ платната структура, особено во секторите каде што платите се блиску до минималецот.
Од владината страна се тврди дека реалниот трошок за работодавачите ќе расте побавно од самиот процент на зголемување на минималната плата. Според објавените пресметки, вкупниот трошок за работодавачот би се зголемил од околу 1.558 на приближно 1.735 евра. Покрај директниот ефект врз најниските плати, се очекува зголемувањето да повлече промени и кај други исплати што се врзани со минималната плата, како студентската саатница и дел од надоместоците и додатоците што се пресметуваат врз неа.
Словенечкиот случај повторно ја отвора регионалната дебата за тоа што значи „достоинствена минимална плата“ во време на раст на трошоците за живот – и дали државите треба да реагираат со поголеми скокови или со постепени, но почести корекции, за да се избегне социјален притисок кај најранливите работници и шок кај компаниите.