Лувр затворен поради штрајк: Вработените бараат подобри услови и повисоки плати

Најпосетуваниот музеј во светот, парискиот Лувр, денеска повторно беше затворен поради штрајк на дел од вработените, четврти пат од почетокот на протестите во средината на декември минатата година. Штрајкот е организиран поради незадоволство од условите за работа и разликите во платите, соопшти управата на музејот.

Според синдикатите CGT и CFDT, на утринското собрание најмалку 300 вработени изгласале продолжување на штрајкот, кој започна на 15 декември. Тие предупредуваат на сериозен недостиг од кадар и нееднакви плати во споредба со други институции под надлежност на француското Министерство за култура.

И покрај повеќекратните преговори со Министерството и управата на музејот, договор сè уште не е постигнат. Синдикатите наведуваат дека понудениот предлог за подобрување на условите за работа е „недоволен“.

„Она што ни е потребно е јасна политичка волја за конечно да се надминат разликите во платите“, изјави за АФП синдикалниот претставник Кристијан Галани. Тој додаде дека очекува министерката за култура Рашида Дати да ги исполни ветувањата, откако претходно ги оцени барањата на вработените како „легитимни“.

Според синдикатот CFDT, управата на Лувр доставила прв нацрт-предлог, но вработените сметаат дека тој не ги решава суштинските проблеми.

Од почетокот на штрајкот, музејот трипати беше целосно затворен, а во уште неколку наврати работеше со ограничен капацитет. Само во јануари, загубите поради прекините во работата се проценуваат на најмалку еден милион евра.

Дополнителен удар за институцијата претставува и сè уште нерешената кражба од октомври минатата година, кога од Лувр беа украдени драгоцени накити од 19 век, проценети на околу 88 милиони евра. Украдените предмети сè уште не се пронајдени.

Иако управата и Министерството најавуваат продолжување на разговорите, вработените порачуваат дека штрајкот ќе продолжи сè додека не добијат конкретни гаранции за подобри услови и правична плата.

Зачлени се на нашиот е-билтен