Дизајн за остварување на граѓанскиот легитимитет во новото време (Дел 2): Флуидни структури и технолошка организација наместо фиксни партии

Флуидни

Ако партиите ги интересира само власт заради сласт (од медот, а не од придонесот за решенија), тогаш природно се наметнува прашањето: Има ли можности да се легитимираат решенија без партии?

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Човек лесно може да помисли дека колективно сме во состојба на некоја мрза или смртна желба да ги пополнуваме раководните места на долги рокови со голем процент на лажговци (во најмала рака). Но, добивањето легитимитет за спроведување решенија (политики) сѐ уште ја правиме преку партии, исто како во старите, бавни времиња. Можеби во минатото немале други начини меѓусебно да се разберат – но денес?! При сите технолошки можности за комуникација (мрежи), верификација (блокчејн) и неверојатен капацитет за обработка на податоци (вештачка интелигенција), фиксните партии се застарен концепт! Навистина, искреното взаемно комуницирање за општото заедничко и за заедничкото по групи може да се одвива со новите технологии, но технолошките алатки сѐ уште се сметаат за несериозни, неформални, несоодветни дури. Забележливо е дека и самиот концепт за партија заостанува зад технолошките можности – и за поставувањето на легитимни правила, и за воспоставување механизми за решенија на проблемите. Останува премногу време, граѓанските автономни уверувања (или самата идеологија гравирана во партиското име, дури) да не бидат примарен критериум, ниту за глас, ниту за функција. Наместо тоа, предност добиле некои „сосем десетти“ немериторни и често нечесни критериуми. Остануваат време и можности, за нечесноста да се одвива „под маса“, обезбедени од тој анти-технолошки став за современа проверливост на избирањето.

Во законот, само со кратки зборчиња како „партија“ се опишани структурите преку кои граѓаните можат да поставуваат легитимни правила. Но, партиите не се сосем тоа што стои во законот. Заради „сласта“ (од поговорката за власт-сласт), за граѓанинот тие стануваат одбивни. Наместо посредник, партијата станува трето тело, црна дупка во системот од две тела во взаемно дејство. Едното тело во законот се „водачите“, но тие не мора баш да се врзани со партија. А со оглед на етичката распадливост на поимот „партија“ – и не треба. За „водачите“ е пропишано транспарентно да ги решаваат проблемите или да ги реализираат граѓанските предлози за решенија. Другото тело се граѓаните. Тие се оние во законот кои предлагаат решенија и според типот на тие идеи (најчесто тоа е според идеологијата) – ги бираат водачите. Ако подлабоко се читаат законите, може да се рече дека граѓаните се ставени само пред (или во?) краткотрајна аукција, а не „избори“ на легитимни потписници (власт). Ако партиите ги интересира само власт заради сласт (од медот, а не од придонесот за решенија), тогаш природно се наметнува прашањето: Има ли можности да се легитимираат решенија без партии?

Ова е малку фантазерски аспект на реалното прашање, поттикнато од прописот дека партиите не се разликуваат меѓусебно по закон – што важи за една, би морало да важи и за друга. Реалното прашање е, всушност, дали може да се оствари граѓанскиот легитимитет без фиксирани, нефлуидни структури очигледно недоволно способни да носат легитимност? Затоа што, решението со нефлуидни структури – партии, го минимизира автентичниот граѓански легитимитет: Фиксни (партиски) структури што се способни да носат граѓански легитимитет концепциски ставени во ист кош со структури што постојат за „сласт“ е конјункција со резултат во корист на структурите што постојат за „сласт“. Нивната пропишана „еднаквост“ во законот не остава метрика за граѓански надзор над нив. Затоа и медиумите лесно се подјармуваат од партии на „сласт“, а просторот на мрежите вештачки креира метрики на рејтинг наместо метрики за надзор. Ако забележиме малку повнимателно, дури и не се одвива суштинска поларизација како што навидум изгледа конфликтот меѓу партиските дигитални армии. Се одвива само зголемување на површноста: Наместо со решенијата егзистенцијално битни за граѓаните, ги занимаваат со детали од некакви дворски игри, без никаква врска со општеството и државата.

Секако дека треба да се направи дистинкција која структура ги понесува тешките моменти на нацијата на свој грб како државен интерес (социјалдемократската досега, за неупатените), а која структура не, а уште и пречела во процесите. Така, не би требало да се партии сите што се нарекуваат така и тоа да е законски решено. Односно, партии да се само тие што го реализираат граѓанскиот легимитет како што е правилото. Другите, или треба да ја изгубат титулата „партија“, или допрва да ја заслужат. Граѓанските критериуми за таа титула се дека „сласта“ се докажува и се санкционира за да се дојде до некорумпирана држава. Потоа фидбекот е повратен: Некорумпираната држава сѐ повеќе санкционира „сласт“. Треба да разбереме дека неиспорачувањето на легитимно граѓанско очекување е измама. Тоа е итен дил-брејкер. Исто како да купите некој производ, а во кутијата – ништо. Да не зборуваме за злоупотреби на службената должност или самото непристојно пуштање раце кон судството. Затоа граѓанските алатки ја одглавуваат машината која работи за граѓанскиот легитимитет. Лепливите шрафчиња во механизмот да се држат на минимум. Потешко е одлепување на многу лепливи шрафчиња отколку на помалку, што би рекол Суперхик, така што граѓаните не треба да оставаат сѐ само на сервисот за одржување на институциите – државата.

Значи, проблемот овде е што партиите генерално се третираат како единствен канал за легитимност, а ваму, (пре)често се однесуваат како автономни структури што го блокираат односот меѓу граѓаните и решенијата. Ако партијата е навистина партија по заслуга, тогаш таа, во рамки на тој мандат, секако дека е способна да го спроведе граѓанскиот легитимитет, токму како што е замислено со законот. Но, кога партијата постои за власт како гола моќ, а не за резултати, таа ја узурпира легитимноста и ја претвора во сопствен, затворен капитал. Тогаш, решението е легитимитетот да се врзува за испорачани решенија и резултати, а не за формално партиско постоење. Идејата е да се овозможи легитимирање на решенија преку непартиски, флуидни структури. Тие секако би биле и тесно временски ограничени за да се спроведе санкционирање со итно недавање повторна доверба (според аргументите од Дел 1).

Критиката би била, очигледно, дека без партии, политичкиот систем би се распаднал во хаотична маса од индивидуални интереси. Веројатно се смета дека партиите во секој случај обезбедуваат програмска кохерентност, кадровска селекција и одговорност пред јавноста. Дека се неопходен филтер против аматеризам, ад-хок групи и манипулација. Но, ова е идеализирање на функцијата што партиите би требало да ја имаат, а не функцијата што реално ја извршуваат. Во пракса, партиите ретко се филтер за компетентност. Почесто се филтер за лојалност, послушност и внатрешна дисциплина. Програмската кохерентност е заменета со маркетинг, а кадровската селекција – со клиентелизам.

Самото отсуство на партии во системот не може да направи хаос, туку хаос прави отсуството на транспарентни правила за легитимирање одлуки. Не може само партиите да бидат единствениот можен начин за агрегирање интереси и само такви фиксни структури да бидат компетентни и задолжени за реализација на граѓанскиот легитимитет. Флуидните, тесно временски ограничени структури можат да носат легитимитет доколку имаат транспарентно дефинирана задача, разумен, мериторен состав и верификуван механизам за јавна проверка. Краткиот и ограничен мандат, притоа, е услов без кој не се може. Најпосле, флуидните структури не ни се сосем туѓо решение: Такви ни се изборните комисии на избирачките места на секои избори. Државата испраќа известување до граѓанин со високо образование и му доделува мандат од 12 часа да служи за потребите на гласањето на граѓаните на конкретното избирачко место (да ракува со машинчето за проверка на идентитет, да ги наоѓа граѓаните во избирачкиот список, итн.). А и еднаш одамна, се гласаше за човек по човек во 120 изборни единици…

Со ваква анализа станува појасно дека технологијата може да овозможи тематски, експертски по домени и граѓански коалиции кои се формираат околу проблем, а не околу бренд. Таквите структури се посоодветни за комплексни општества отколку универзални, трајни организации со нејасна одговорност. Кој ќе одлучи што носи легитимитет, а што го блокира? Вештачката интелигенција (ВИ) го има тој капацитет. Но, уште поважно, ВИ може да ја трансформира самата организација на легитимноста (се разбира, доколку и не самата ВИ не е стриктно национализирана, државна). Таа може да филтрира експерти по области и да генерира предлози за флуидни, временски ограничени групи со блокчејн легитимитет. За закон, за пропис, за логистика… Флуидно, но легитимно! Затоа што џабе е секакво (само)организирање ако тоа не води кон легитимност. Флуидните легитимни структури не се замена за демократските институции, туку би биле нивна адаптација на тековново време.

Слични идеи за организациона улога на ВИ има секаде по мрежите, како што ги има и критиките. Прилагодена на оваа анализа би била критиката дека флуидните експертски групи и ВИ-филтри може да ја маргинализираат граѓанската волја, бидејќи демократијата не е само ефикасност, туку и учество, дури и кога не е врвно рационално. Тогаш, да расчистиме дека ВИ во ваква улога не е политички субјект и не смее политички да се зароби во име на поврзувањето на институционалните бази, на пример. Или воведена за „промоција“ на националниот идентитет. Само со национално неискривени алгоритми ВИ може да биде инфраструктура за создавање флуидните структури што носат граѓански легитимитет. Таква ВИ би овозможила динамична организација врзана за конкретна задача и конкретен рок. И, најважно, би овозможила проверливост на придонесот, така што секој да може да го препровери почнувајќи од нула.

Значи никаква ВИ не би ја ангажирале да одлучува. ВИ не смее да биде и дизајнер, и оператор, и контролор. Инаку, би се свела на Бог од средновековната библија на латински што била достапна само за високите свештеници. Мора да остане алгоритамски независна, потврдено од високи информатички „свештеници“ – и тие јавно проверливи, со детален јавен профил и јавно проверливо стручно порфолио. ВИ само би помагала во организацијата, филтрирањето и проверките на евентуални „сладострасности“ на функционерите. Одлуките и понатаму би ги носеле луѓето, а ВИ само би ја намалила информациската асиметрија и би ја елиминирала произволноста.

Навистина, колективот во глобала најчесто нема капацитет да дизајнира технички решенија (оптимизирање, проценка предвидување последици…), но, ваму, треба практично да се реализира фер правилото дека ниеден поединец нема право да одлучува за колективните вредности наместо колективот. Затоа, кога се работи за дефинирање на приоритети, вреднување на ризици, избор меѓу несовршени опции, колективот мора да има референца зошто нешто му е повредно од друго. Со партиите и нивните лидери тоа најчесто се сведува на национализам, расизам, други дискриминации, потоа разни популистички заноси, „харизми“ на партиските лидери, уличарски проценки за деталите на дворските игри по институции и штабови, итн., итн.,… Сите овие популистичко – дискриминаторски допамински дразначи нудат само што да се нејќе. Не нудат што да се сака, нема понуда на вредност, а камоли споредба на вредности. Сепак, не смее да се случи мрза при користење на ВИ, бидејќи секогаш во системот се наоѓа барем еден фашист кој бесплатно ќе се манифестира со присвојување на целиот систем за себе.

Со партиите на „сласт“ вредностите навистина можат толку да се изместат, што колективот станува (вредносно) слеп за својата вредност. А и за светот зад хоризонтот има изместена претстава. ВИ тука би помогнала со специфичен и веќе активиран природен психолошки механизам кај луѓето. Тој механизам има врска со неекспертскиот став на постојано „фактоборство“. Имено, од една страна ВИ се зема за авторитет, а од друга страна постои свеста дека тој доаѓа од машина. Во спојот на овие два става и неекспертите полека добиваат природен порив да го проверуваат тој авторитет. Со тоа, автоматски информираноста и на неекспертското тело станува поголема. А со тоа, пак, неекспертите сѐ повеќе би можеле да вршат поквалитетни вредносни оценки, макар за самите себе. Така што флуидните структури и ВИ не го слабеат демократскиот принцип, туку го прочистуваат од популистичката конфузија. Ова е модел според кој експертите предлагаат и моделираат, граѓаните избираат и санкционираат, а ВИ организира. Надзорот и проверките се споделуваат со фидбек меѓу овие категории. Тоа е поделба на улоги во тек со новото време, а не узурпација на граѓанскиот легитимитет. Е, да, можеби е узурпација на лично присвоените јавни функции! Дефинитивно е узурпација на приватното располагање на поединците – функционери со граѓанскиот легитимитет!

Во моментов, некои критикуваат дека ВИ е нетранспарентна, подложна на манипулација и дека може да се концентрира во рацете на актери со можни интереси кон земјата. Дека граѓаните немаат доверба во системи што не ги разбираат. На алгоритми да се препуштат процесите на легитимација се смета за опасно, затоа што ситуацијата може да се лизне во технократија (директно владеење на неизбрани експерти). Апсолутно може да се лизне и во автократија ако се „згазат“ експертите, како што е трендот на сите авторитарци. Одговорот на ова е дека транспарентноста не е прашање на тоа дали граѓаните го разбираат секој алгоритам, туку дали критериумите се јавно дефинирани, дали податоците се проверливи, дали резултатите се оспорливи. ВИ може да идентификува експерти по области врз основа на јавни траги на знаење и работа, може да помогне во формирање експертски групи со многу отчетен и временски тесно ограничен мандат, може да следи дали задачата е исполнета во договорениот рок, може да архивира одговорност. Денес зборот „проект“ стои во етерот напразно, а вака нема. На тој начин, легитимитетот не би се добивал преку припадност, туку преку учество и испорака. Дури и ако ВИ би се ориентирала во интерес на олигархијата, на пример, тогаш тоа ќе е видливо. А надзор на една ВИ може да направи друга ВИ, како што е решението со компаниите за осигурување на компании за осигурување. Или, може да има флуидно тело од независни експерти за проверка, омбудсмани за ВИ алгоритми.

И за разни ВИ-и може да важат алатките на checks and balances од универзалниот демократски алгоритам. Тој е добар, цикличен алгоритам, како играта лист-камен-ножички. Во демократскиот алгоритам хиерархијата се амортизира и, идеално, секој учесник е ограничен во злоупотребата на позицијата. Малку подлабоко за општествениот алгоритам, во кој демократскиот е најосновен пример, ми се чини дека може да се црпи од алгебрата на кристални решетки. Тој е, всушност, многу интуитивно јасен и природен. Хиерахијата во ваквиот алгоритам е амортизирана така што ниеден функционер нема единствена надредена флуидна структура. Туку, секој политичар има повеќе точки на надзор од флуидни структури, како што и неформално веќе се случува. Практично, останува само легитимирање на флуидните точки од и пред граѓанството! Ако ВИ се отфрли од страв или инерција, тогаш комплексните општества ќе продолжат да се управуваат на полошо од застарени начини од претходната ера. Но, параметрите на комплексноста се поинакви отколку порано. На пример, апатијата добила степени на системска интерпретација за толерантноста кон комотност на неколкумина. Ако ВИ се отфрли, тогаш моќта ќе остане концентрирана во нефлуидни, фиксни структури, а неспособноста ќе се крие зад формална легитимност. Игнорирањето на ВИ нема да го зачува човечкиот фактор (во смисла на граѓански), туку ќе го ослабне, бидејќи го остава без капацитетни алатки за надзор и координација. Во таков систем, легитимноста ќе стане скапа, ретка и лесно злоупотреблива, како што веќе станува. Навистина, прифаќањето на ВИ и нејзина партиска злоупотреба, пак, може уште повеќе да го заостри конфликтот меѓу граѓаните и политичарите, затоа што притисокот на владеачките партии би станал многу остар и очигледен. Но, парадоксално, тоа е исто така во корист на остварувањето на граѓанскиот легитимитет, затоа што граѓаните толку бргу би собрале јад од повторување на средновековните финти за подјармување, што би ги „решиле“ владетелите на стариот начин – со револуција без дигитални алатки. Ова е потешкиот пат, но авторитарноста – веќе нема излез. Треба да бидеме свесни дека сега се одвиваат нејзините последни борби за воздух.

Зачлени се на нашиот е-билтен