Колку сме сиромашни кога сме доведени до ситуација „купи ден помини“?

сиромаштија

Во последните десетина дена ми се случи нешто што не можам да го извадам од глава. Не еднаш, не двапати – туку трипати. Купувам замрзнато овошје – кесата веќе отворена, неколку плодови извадени. Купувам урми, фалат пет-шест во првиот ред. Земам картон од 10 јајца, едно недостига.

На прв поглед, ситница. Но кога истото ќе се повтори повеќе пати, во различни маркети, со различни производи – тогаш тоа веќе не е случајност. Туку симптом.

Симптом дека сме стигнале до точка во која сиромаштијата не се гледа само во статистиките, туку на рафтовите. Во пакувањата. Во тишината меѓу касата и излезната врата. Во она „ќе земам само едно, никој нема да забележи“.

Ова не е кражба од алчност.
Ова е кражба од немоќ.

Кога човек зема по едно јајце, не краде затоа што сака – туку затоа што нема. Кога вади неколку парчиња овошје од кеса, не го прави тоа од безобразлук, туку од потреба. Од глад. Од срам што не може да си дозволи. Од обид да преживее без да биде забележан.

И токму тоа е најстрашното.

Сиромаштијата кај нас повеќе не е гласна. Таа не протестира. Не тропа на врати. Таа се шмугнува меѓу рафтовите, тивко, незабележливо, со наведната глава. Земаш едно, две, па заминуваш брзо. Да не те види некој. Да не се засрамиш.

Ова е новото лице на бедата.

Никој не зборува за тоа. Политичарите зборуваат за раст, за бројки, за стабилност. Но бројките не одат во маркет. Луѓето одат. И тие луѓе денес се борат да преживеат, купи ден помини.

Тие луѓе се слика за општество кое е притиснато до ѕид.

И тогаш се поставува најтешкото прашање:

Колку гладен треба да биде човек за да ризикува срам за едно парче храна?
Колку очаен треба да биде за да се прави дека ништо не се случува?

Ова не е морално прашање. Ова е социјална дијагноза.

И таа дијагноза е загрижувачка.

Затоа што кога сиромаштијата ќе стане тивка, таа е најопасна. Тогаш веќе не вика. Тогаш се шири.

А ние, изгледа, одамна сме престанале да ја слушаме.

Зачлени се на нашиот е-билтен