Објавена листата на најскапите градови во светот: Белград далеку под европскиот врв, Скопје меѓу најевтините

kallerna, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons
kallerna, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Објавена е најновата листа на најскапите градови за живот во светот, а разликите меѓу нив никогаш не биле поголеми. Според анализата на платформата Numbeo, Швајцарија убедливо доминира на врвот, додека градовите од Балканот, и покрај драстичниот раст на цените, сè уште се вбројуваат меѓу поевтините во Европа.

Истражувањето се базира на податоци од повеќе од 600.000 корисници од целиот свет и ги споредува трошоците за храна, ресторани, превоз, комуналии и секојдневен живот.

Швајцарија без конкуренција

На врвот на листата повторно се најдоа швајцарските градови. Првото место го зазема Цирих, по него следуваат Женева, Базел, Лозана, Лугано и Берн.

Во топ 10 најскапи градови се најдоа и Њујорк, Рејкјавик, Хонолулу и Сан Франциско.

Според Numbeo, животот во Цирих претставува сериозен удар за буџетот – просечните месечни трошоци за едно лице изнесуваат околу 1.570 евра, без кирија, додека четиричлено семејство троши повеќе од 5.800 евра месечно.

Како се пресметува индексот

Индексот на трошоци на живот ги зема предвид цените на:

  • основни прехранбени производи
  • ресторани
  • јавен превоз
  • комунални услуги
  • интернет и енергија

Киријата не е вклучена во основниот индекс, туку се пресметува посебно. Како референтна точка се користи Њујорк, со индекс 100.

Каде се Скопје и градовите од регионот

Во споредба со светските метрополи, градовите од поранешна Југославија се значително поевтини.

  • Белград е на 289. место, со индекс 47,6
  • Нови Сад е уште поевтин – 304. место
  • Сплит е најскап меѓу екс-ју градовите – 232. место
  • Љубљана е на 237. позиција
  • Сараево – 320. место
  • Подгорица – 324.
  • Скопје е меѓу најевтините градови во Европа, на 352. место

Во регионот, Будимпешта е на 267. место, Тирана на 276, Букурешт на 296, а Софија на 297.

Најевтините градови во светот

На дното на листата, како најевтини градови за живот, се наоѓаат индиските метрополи, каде што трошоците се и до 80 отсто пониски од Њујорк.
Најевтин град во светот според Numbeo е Коимбаторе, Индија.

Зачлени се на нашиот е-билтен