Силно невреме проследено со екстремни врнежи и илјадници електрични празнења ја зафати Грција, оставајќи зад себе поплавени улици, отежнат сообраќај и сериозни проблеми во повеќе региони на земјата.
Според податоците на Националната опсерваторија „Метео“, во текот на денот биле регистрирани повеќе од 43.000 молњи, што го прави ова едно од најинтензивните атмосферски невремиња во последните години.
Најпогодени се североисточните делови на земјата и Пелопонез, каде што количината на врнежи надминала 100 литри дожд на метар квадратен. Метеоролозите предупредуваат дека станува збор за исклучително високи вредности за овој период од годината.
Сателитските снимки покажуваат дека голем дел од територијата на Грција бил покриен со грмежи и силни дождови во текот на целиот ден. Обилните врнежи предизвикаа проблеми во сообраќајот, поплавени улици и отежнато движење во повеќе градови.
Од „Метео“ информираат дека атмосферската нестабилност сè уште не е целосно завршена и апелираат до граѓаните на внимателност, особено во подрачја склони кон поплави.
Надлежните служби се во состојба на готовност, а временските услови продолжуваат внимателно да се следат поради можност од нови поројни врнежи и силни електрични празнења.