ЕУ и Владите на Западен Балкан бараат решение, дотогаш камионџиите остануваат на блокадите

камионџиите

Возачите на камиони од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија продолжија со блокадите на граничните премини за товарен сообраќај и денеска.

Откако камионџиите ги блокираа еден ден претходно, на полноќ започна блокада на влезовите во овие земји од Западен Балкан.

Возачите ги блокираат товарните терминали поради заострените процедури за влез во Шенген зоната. Според нив, правилата сега се покомплицирани и го скратуваат нивниот престој во земјите од Европската Унија.

Тие бараат нивниот дозволен престој во ЕУ да се зголеми на четири месеци наместо сегашните три во рок од шест месеци.

Возачите предупредуваат дека блокадите ќе продолжат седум дена ако дотогаш не се најде решение. Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, изјави на 26 јануари дека европските институции разгледуваат и работат на опции што ќе им овозможат на одредени професионалци, вклучително и возачи на камиони, да останат во Шенген зоната подолго отколку што дозволуваат сегашните правила на Шенген.

„Свесни сме дека за одреден број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници, може да има потреба да останат во Шенген-зоната повеќе од 90 дена во период од 180 дена. Ова ги вклучува високомобилните професии, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеја“, рече Ламерт.

Тој додаде дека Европската Унија е свесна за загриженоста изразена од транспортните оператори во регионот, дека внимателно ја следи ситуацијата и е во контакт со своите партнери во Западен Балкан.

Зачлени се на нашиот е-билтен