Земјата се отвора под нозете: Италијански град во опасност од исчезнување

Најмалку 1.500 жители на сицилијанскиот град Нишеми беа принудени да ги напуштат своите домови откако силна бура предизвикана од циклонот Хари активираше масовно свлечиште на ридот над градот. Природната катастрофа отвори процеп долг околу четири километри, кој продолжува да се шири и претставува сериозна закана за најранливите делови од населбата.

Градоначалникот на Нишеми, Масимилијано Конти, изјави дека состојбата е исклучително сериозна, бидејќи дел од теренот целосно попуштил, а неколку куќи останале буквално да висат над бездна. Според информациите што ги пренесува „Гардијан“, првите знаци на нестабилност биле забележани уште во неделата, но свлечиштето за кратко време прераснало во масовен фронт кој се протега со километри.

Постои реална опасност свлечиштето да го зафати и историскиот центар на градот, што дополнително ја зголемува загриженоста кај локалното население.

„Ова е драматично свлечиште. Не сакам никој да ја потцени сериозноста на ситуацијата. Засега нема повредени, но материјалната штета е огромна“, изјави Конти во видео-обраќање, апелирајќи граѓаните да ги почитуваат сите безбедносни мерки.

Генералниот директор на Сицилијанската цивилна заштита, Салваторе Кочина, предупреди дека сите објекти во радиус од 50 до 70 метри од пукнатината се под директна закана од уривање, поради што се преземени дополнителни мерки на претпазливост.

Поради вонредната состојба, училиштата во Нишеми се затворени, а патот што го поврзува градот со крајбрежниот град Гела е целосно блокиран за сообраќај. Дел од евакуираните граѓани се сместени кај роднини, додека неколку стотици лица ги поминаа ноќите во спортска сала организирана како привремен прифатен центар.

Нишеми брои околу 25.000 жители, а локалните власти предупредуваат дека ситуацијата внимателно ќе се следи и во наредните денови, бидејќи постои сериозен ризик од понатамошно ширење на свлечиштето.

Зачлени се на нашиот е-билтен