Мицкоски викан „Бис“ или „Encore“, пошто Давос: Аплаузи што не се слушаат, говори без запис

Мицкоски

А можеби вистинската причина зошто не можат да ги бидат објавени говорите на Мицкоски, е што тогаш би станало јасно зошто никој важен не нашол време за билатерална средба со македонскиот премиер.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Постои една стара максима во политиката: ако нешто навистина се случило, не мораш премногу да го објаснуваш. Но, ако не се случило – тогаш мораш детално да го раскажеш. Нашиот премиер Мицкоски, раскажувајќи за Давос, очигледно се водел од втората логика.

„Јас не бев статиста таму или по ходници да барам селфи… туку бев активен учесник на три панели“, ни соопшти тој, со сериозност како да демантира гласини дека во Швајцарија бил на скијање, а не на Светски економски форум. И уште додава: „штета што не можеме да ги објавиме моите говори, но сите беа проследени со аплауз“.

Еве нè, значи, во ерата на аплаузи без снимки, говори без текст и панели без сведоци. Давос, таа светска сцена на моќта, каде што секој втор збор на говорниците завршуваше на Твитер, Јутјуб или во официјален стенограм, кај нас магично станал црна дупка за транспарентност. Сè се слушнало, ама ништо не може да се покаже. Сите аплаудирале, ама никој не може да цитира на што апалудирале. Три панели – нула линкови.

Иронијата е двојна. Прво, премиерот гордо вели дека не бил „статиста“, а притоа не се сретнал со ниту еден државник, иако во Давос беа присутни шефови на држави и влади, директори на мегакорпорации и сите оние кои дури и со една мала земја како нашата би сакала барем пет минути сериозен разговор, ако навистина имаме што да им понудиме или ако делиме заеднички вредности.

А ако Мицкоски во Давос не бил само статист во геополитичкиот театар, тогаш навистина не знам што е.

Второ, уште поапсурдно звучи реченицата: „штета што не можеме да ги објавиме моите говори“. Штета? За кого? За јавноста што плаќа авионски карти, хотелски ноќевања и делегации? Или за самиот премиер, кој останува без дигитален доказ за сопствената реторичка брилијантност?

„Штета што не можеме да ги објавиме моите говори“, изјави тој со тон на трагичен херој на модерната политика, човек чии зборови се толку моќни што државата, ете, мора да ги чува под клуч. Не затоа што се државна тајна, не затоа што се доверливи, туку – којзнае зошто. Само така. Мистерија.

Овие говори, патем, не биле на некакви тајни состаноци во бункер, ниту на затворени безбедносни форуми со класифицирани информации. Станува збор за панели на Светскиот економски форум – настан чија суштина е токму јавноста, преносите во живо и медиумската видливост. Таму каде што другите лидери ги објавуваат своите обраќања, оние на Мицкоски се мистериозно „необјавливи“.

Што точно зборува тоа за транспарентноста на премиерот? Дека верува оти јавноста треба да му верува на збор, како во некоја бајка од типот: „Верувај ми, убаво зборував и сите ми ракоплескаа“. Во сериозна демократија, транспарентноста не е ствар на добра волја, туку обврска. Ако нешто навистина е вредно за аплауз, тогаш вреди и за објава.

Не, сериозно: што точно зборува тоа за транспарентноста на власта? Во 2026 година, во држава што формално тежнее кон ЕУ, тоа не е само смешно – тоа е навредливо. Транспарентноста не е ПР-опција, туку демократска обврска. Ако си зборувал за економија, инвестиции, зелена транзиција или регионална стабилност – одлично. Објави го. Ако си добил аплауз – уште подобро. Пушти го видеото. Или барем текстот.

А можеби вистинската причина зошто не можат да ги бидат објавени говорите на Мицкоски, е што тогаш би станало јасно зошто никој важен не нашол време за билатерална средба со македонскиот премиер. Можеби говорите биле толку генерички, толку празни, толку copy-paste од брошурите на МНР, што аплаузот бил од куртоазија, а не од воодушевување.

На крајот, останува прашањето: што точно донесе Давос за Северна Македонија, освен уште една можност за политички ПР? Ако немаме снимки, немаме договори, немаме средби со државници и немаме објавени говори – тогаш што имаме? Само уште една изјава за внатрешна употреба, спакувана во иронична формула: „Не бев статиста, ама сцената беше празна“. Во време кога граѓаните бараат отчетност, а не аплауз на збор, оваа епизода од Давос звучи најмалку како државнички успех, а повеќе како театар на сенки – со главна улога на премиерот и публика што треба да замислува што сè се случило на сцената, па дури и аплаузот.

Зачлени се на нашиот е-билтен