Рацин.мк тргна да открие што се крие зад полуреченицата во прошталното писмо на амбасадорката Ангела Агелер, коешто е еден свовиден кус отчет на нејзината работа во Македонија каде што вели: „… соработува(вме) за обезбедување студии за изводливост кои го олеснуваат развојот на ретки минерални ресурси“.
Меѓу останатите таксативно неведени активности Агелер не испуштила да го наведе и ова. Објавено така како што е објавени, ретки беа оние на кои оваа реченица им го провлече вниманието. Соработка со САД на развојот на ретки минерали заслужува големо внимание, имајќи предвид дека, на пример, еден од договорите на Вашингтон и Кијев за поддршка на Украина во борбата против Русија како компензација за оружје и друга логистичка поддршка, Америка треба да добие пристап до ретките минерали на оваа земја.

И не е само Украина, апетите на Трамп за Канада и за Гренланд, меѓу другото се поттикнати и заради минералите на овие земји. Трамп не го крие тоа.
Затоа Рацин.мк одлучи да праша што значи реченицата „… соработува(вме) за обезбедување студии за изводливост кои го олеснуваат развојот на ретки минерални ресурси“. Се разбира првата адреса за ова прашање е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Пред да одиме на одговорот, како попатна дигресија, да истакнеме деке формирањето на Министерство за енергетика, рударство и минреалми суровини, само по себе доволно говори колку се значајни овие ресурси за нашата земја.
Во одговорот од Министерството на прашањето на што конкретно соработувале Македонија и САД за развој на минералните ресурси се вели:
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини континуирано ја негува и унапредува соработката со меѓународни партнери, вклучително и со Соединетите Американски Држави, во насока на размена на искуства и идентификување можности за соработка во областа на енергетиката и одржливиот развој.
Во изминатиот период се воделе разговори за потенцијални области од заемен интерес и насочени кон можни идни форми на соработка.
Во моментов не се спроведува конкретна физибилити студија за ретки минерали во рамки на формализирана билатерална програма. Министерството, како и досега, останува отворено за соработка што ќе придонесе кон одржлив економски развој и енергетска безбедност, во согласност со стратешките приоритети на државата.
Амбасадорката Агелер сега веќе не е тука за да ги вкрстиме ставовите, па останува да го имаме предвид ставот на Министерството.

Минералите во Македонија – голем потенцијал но и неизвесност
„Македонија има солидна суровинска база“, вели деканот на Факултет за природни и технички науки, проф. д-р Ѓорги Димов. Според него, државата располага со значајни резерви на јаглен, бакар, манган, антимон, хром и дури можеби и ретки минерали кои се клучни за т.н. зелена транзиција.
Иако посебен интерес во последните години предизвикува литиумот, Димов предупредува дека Македонија не вршела сериозни истражувања на литиумските појави цели 30-40 години. „Сега се интересни, сега се истражуваат“, посочува тој.
Покрај тоа, Македонија може да биде важен играч и во производството на бакар – метал кој е основа за електрични возила, енергетски мрежи и моторна електроника. Локациите како Боров Дол, Иловица, Штука и Плавица кријат стотици милиони тони резерви.
„Имаме бакар во резерви што се изразуваат во стотици милиони тони. Тоа не се само двата активни рудници на Боров Дол, бакар имаме огромна количина во Штука, Иловица, имаме голема количина меѓу Кратово и Пробиштип во Плавица, тоа е критичен метал без кој што не можеме да имаме зелена транзиција, електромобили и електромотори. Потоа имаме огромни наоѓалишта кои се во друг некој ред, десетици тони на манган во Стогово во Западна Македонија кој што е многу баран критичен минерал за производство на батерии за легирање на железо. Имаме голем потенцијал на специјални видови на челик, порано сме имале лежишта. Имаме три рудника на антимон, милион тони антимонска руда која што исто така може да биде во функција на македонската економија. Имаме наоѓалиште на хром, коишто некогаш биле користени, сега не се користени, во сите пегматити и гранитоидни комплекси низ државата, но за сите нив треба време да ги истражиме, точно да ги лоцираме, детално геолошки да ги истражиме за да знаеме со какви количини располагаме“, вели професорот Ѓорѓи Димов.
Академик Владо Камбовски во обраќање на промоцијата на монографијата „Минералите од Република Македонија” од авторите Глигор Јовановски, Блажо Боев и Петре Макрески, објавена во 2012 година, истакна дека Македонија е непроценливо вреден трезор, кој чува и 7 уникатни минерали со раритетно значење за светската минералогија.

Алшар е рудник на планината Кожуф во кој за првпат е откриен талиумовиот минерал лорандит. Tалиумот е цврст сив метал и е токсичен. Употребуван е во електронската индустрија и за изработка на стакло.
Во “Алшар” досега се регистрирани десетици видови минерали. Од нив дури седум ги има само во Македонија, а за најзначен се смета – лорандитот. Тој е редок минерал со кој се смета дека би можело да се дојде до бесплатна енергија.
Од 2004 год рудникот е евидентиран како споменик на природата и дел од мрежата на “Емералд” – мрежата за заштита на природните реткости.
Конечно: Листа на критични минерални суровини
Македонија е на чекор до воспоставување на сопствена Листа на критични минерални суровини, како и Листа на стратешки минерални суровини, согласно новиот нацрт текст на Законот за рударство. Со овој потег, земјата се приклучува кон глобалниот тренд на држави што ја препознаваат стратешката вредност на ретките метали за економската безбедност и енергетската транзиција.
Според предложеното законско решение, Владата, по предлог на ресорното министерство за енергетика и рударство, ќе ја усвојува и ревидира листата на секои три години, со можност за дополнување во согласност со меѓународните пазари и технолошките потреби.
Иницијативата следи по одлуката на Геолошкиот институт на САД (USGS), кој минатата недела ги додаде бакарот и среброто на својата листа на критични минерали — првпат по ревизијата од 2022 година. Ваквата промена ја проширува групата на метали што се сметаат за витални за американската економија и националната безбедност.
Македонија, според податоците на МАНУ и Геолошкиот завод, располага со значителни резерви на бакар, особено во источниот дел на земјата. Во моментов, рудникот Бучим и новиот капацитет во Боров Дол се единствените активни производители на бакарна руда, додека претходните проекти за експлоатација во Казандол и Кожуф останаа нереализирани.

Најновите истражувања на локацијата Иловица укажуваат на приближно 700.000 тони бакарни резерви, што би можело да ја позиционира земјата како релевантен регионален извор во рамките на европскиот пазар.
Од државата сè уште не се соопштени конкретни минерали што би можеле да се најдат на листата, но експертите очекуваат таа да го следи моделот на Европската Унија, која веќе има воспоставен систем за идентификација на минерали од стратешко значење.
Според нацрт-Стратегијата за минерални суровини што ја подготвува МАНУ, пристапот до метали како железо, бакар, сребро и ретки земни елементи е предуслов за развој на модерни технологии — од соларна и ветерна енергија до зелени транспортни решенија и енергетска ефикасност.
„Пристапот до критични метали е услов за производство на технологии со ниска емисија на јаглерод, како и за индустриски развој усогласен со европските зелени политики“, се вели во документот.