Критичарите на власта не се „талог“ на општеството. Тие се негов имунолошки систем. Тие се новинари, експерти, активисти, граѓани – луѓе што инсистираат на одговори таму каде што има моќ.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Мицкоски повторно употреби навредливи зборови за критичарите на неговото владеење и политички став на претенциозност и ароганција. Во интервју за ТВ 21 рече: „Љубител сум на убави часовници и немам причина да се срамам, Со тоа се занимаваат оние од талогот на општеството“.
Кога премиерот на една држава континуирано ги нарекува своите критичари „талог“, „лешинари“ и „глодари“, тоа не е само личен стил на комуникација. Тоа е политичка порака. Порака за односот кон јавноста, кон критичката мисла и, во крајна линија, кон самата демократија.
Јавната функција, особено функцијата претседател на извршната власт, не е награда за лојалност ниту штит од критика. Таа е обврска – и тоа обврска кон сите граѓани, вклучително и кон оние што не се согласуваат, што прашуваат, што сомневаат и што бараат отчет. Кога Христијан Мицкоски прифатил да ја води Владата, морал да знае дека таа позиција подразбира континуиран надзор, јавна проверка и жестока критика. Тоа не е слабост на системот, туку негова суштина.
Од аспект на политичката култура, навредливиот речник од највисоката извршна функција претставува опасна ерозија на јавниот говор. Кога премиерот користи деградирачки термини за да ги дисквалификува критичарите, тој не води политичка дебата – тој ја гаси. Наместо аргументи, нуди етикети. Наместо одговори, нуди презир. Тоа е јасен сигнал дека критиката не се доживува како коректив, туку како непријателство.
Ако една власт претендира да биде демократска таа не смее да биде чувствителна на критика. Напротив, таа мора да биде подготвена да се соочи со прашања за своите политики, резултати и пропусти. Јавниот интерес не се брани со навреди, туку со транспарентност, отчетност и факти. Кога премиерот ги навредува оние што ја следат, анализираат или критикуваат неговата работа, тој индиректно испраќа порака дека власта не сака контрола – а тоа е аларм за секое демократско општество.
Особено проблематично е што ваквиот говор доаѓа од позиција на моќ. Навредите „од горе“ не се рамноправна размена на мислења, туку притисок. Тие создаваат клима во која критиката се стигматизира, а лојалноста се наградува. Во таква атмосфера, јавниот дискурс се сведува на навивање, а не на рационална расправа за политики што директно влијаат врз животот на граѓаните.
Критичарите на власта не се „талог“ на општеството. Тие се негов имунолошки систем. Тие се новинари, експерти, активисти, граѓани – луѓе што инсистираат на одговори таму каде што има моќ. Вистинската сила на една власт не се мери по тоа колку гласно навредува, туку по тоа колку зрело и аргументирано одговара.
Ако премиерот навистина верува дека работи во јавен интерес, тогаш критиката не треба да ја доживува како напад, туку како можност. Во спротивно, навредите ќе останат сведоштво не за слабоста на критичарите, туку за немоќта на власта да се соочи со сопствените одлуки.
И, конечно, еве како совет: Малку скромност нема да му наштети.