Два месеци пред да се најде под истрага поради пронајдени 350.000 евра скриени во ѕид во семејниот дом во Неготино, апелацискиот судија Ѓоко Ристов бил дел од тричлениот совет што донел решение во предметот „Талир 1“ – постапката за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, отворена од поранешното СЈО.
Апелациониот суд, на 12 ноември 2025 година, ја прифатил жалбата на обвинетите и го укинал решението на Основниот кривичен суд со кое претходно било одлучено прислушуваните разговори – т.н. „бомби“ (106 снимки) и СМС-пораки – да останат како доказен материјал. Предметот е вратен на повторно одлучување кај првостепениот судија, кој повторно ќе треба да образложи дали и зошто овие докази се законито прибавени и употребливи во постапката.
Советот што ја донел одлуката бил во состав: претседателка Тања Милева и судиите Лидија Зимбовска и Ѓоко Ристов. Во решението, Апелација му забележува на првостепениот суд дека формално одлучил по предлогот за издвојување на докази, но не дал доволно аргументирани причини поради кои го одбил барањето на одбраната, и дека прашањето за законитоста на доказите е клучно за понатамошниот тек на постапката.
Важен контекст за овој пресврт е фактот што Врховниот суд на 9 октомври 2024 година ја одбил како неоснована вонредната правна интервенција (барање за заштита на законитоста) со која се оспоруваше целото обвинение за „Талир“ и употребата на „бомбите“. Со таа одлука, Врховниот суд не ги прифатил аргументите дека обвинението треба да падне затоа што е поднесено од „неовластен тужител“ и дека прислушуваните разговори не може да се користат како докази.
И покрај тоа, „Талир 1“ и натаму останува заглавен во прв степен, со низа рестартирања низ годините поради промени во судечки состави и прекини во рочиштата. Дополнителен притисок врз времетраењето создадоа и измените на Кривичниот законик, со кои се скратија роковите на застареност за дел од кривичните дела што се во основата на обвинението – ризик што прави секое ново враќање на постапката да има директна последица врз исходот.