Ако не ја зголемите минималната плата, доаѓаме по вашите плати.
Ќе ве ставиме на тест – дали ќе гласате за себе или за луѓето кои ве избрале.
Ќе гласате ли за сопствениот луксуз или за работниците кои со својот труд и даноци ви ги обезбедуваат платите?
Ќе дојдат други пратеници кои ќе гласаат за зголемување на платите на работниците
Ќе завршите на другата страна на оградата.
Уаа, лопови!
Ова се најгласните и најчесто повторуваните пораки од протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија на кој се собраа неколку илјади незадоволни работници од целата земја.
Маршот, кој започна пред Работничкиот дом продолжи кон Собранието и покрај Стопанската комора.
Пред Собранието работниците повторија дека ќе активираат механизам за собирање на 10.000 потписи, со што ССМ ќе стане овластен предлагач на закон за драстично кратење на функционерските примања. Оваа стратегија има за цел да ги стави пратениците пред морален тест – да бираат меѓу сопствениот луксуз и егзистенцијата на народот. Трендафилов упати директна закана дека доколку не се зголемат работничките плати, синдикатот ќе бара намалување на платите на функционерите за 80 отсто, со што би се анулирале претходните енормни зголемувања на нивните месечни надоместоци.
Протестот доби на тежина со приклучувањето на Македонскиот полициски синдикат (МПС), што укажува на незадоволство дури и во безбедносните структури. Маршот, кој започна пред Работничкиот дом и помина покрај Стопанската комора, ги обедини вработените од МВР, АНБ, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција. Овие организации бараат дополнително зголемување од 20 отсто за специфичните сектори, нагласувајќи дека без мотивиран кадар не е можна функционална држава. Масовноста на протестот, каде според очевидци учествуваа илјадници граѓани, ја демантира тезата дека незадоволството е изолирано само кај одредени групи работници.
На протестот свое учество зеде и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и сето тоа говори за широкото незадоволство од социјалните политики на власта.