Иако на протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија се собраа повеќе илјади луѓе владејачката ВМРО-ДПМНЕ го омаловажи велејќи дека имало едвај илјада луѓе и ги нарече „таканаречени борци за работнички права“.
Во соопштението на партијата се вели дека ССМ бил синдикат на СДСМ и Левица и дека тие биле сојузници против работниците.
Наспроти овие тврдења, фотографиите и видеата од протестот говорат сами за себе и ја потврдуваат масовноста на одзивот на работниците на повикот на ССМ.

Ова уште повеќе ако се знае дека во пресрет на протестот, кој го обедини гласот на работниците за повисоки плати, до синдикатот стигнаа сериозни сигнали за организирани притисоци врз работници да не учествуваат на собирот, според синдикалните лидери.
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, во Топ тема на ТВ телма, изјави дека во деновите пред протестот стигнувале голем број информации за притисоци врз вработени кои планирале да дојдат. Тој посочи дека некои директори директно се заканувале на вработените дека не треба да учествуваат на протестот, со цел да ги спречат во намерата да бидат дел од масовниот израз на незадоволство. Наведе пример од Македонски пошти, каде, како што рече, имало обиди да се привлече вниманието со правни закани кон синдикалниот лидер, а не само да се заплашат работниците. Исто така, како конкретен случај беше спомнат и директор од Тутунски комбинат Прилеп кој, според синдикатот, му се заканил на вработените да не присуствуваат на протестот во Скопје. Слични притисоци, според Трендафилов, имало и во секторот на образование.
Синдикатите, од своја страна, одговорија дека ваквите притисоци не ќе ги поколебаат работниците да се борат за своите економски права. Трендафилов потенцира дека токму суверенитетот на работникот да избере дали ќе учествува во протест е клучен показател за здрави демократски процеси и за функционален социјален дијалог — што, според него, моментално го нема.