Спектакуларно откритие во Словенија: По 60 години пронајдена пештера и подземна река на длабочина од 305 метри

По цели шест децении истражувања, словенечките спелеолози од клубот „Костaњевица на Крки“ направија извонредно откритие – на длабочина од 305 метри беше пронајден досега неистражен пештерски систем со подземен тек на реката Студена.

Станува збор за импозантен подземен лавиринт со богата пештерска декорација, големи дворани и длабоки кањони, кој според првичните проценки би можел да биде поголем и подолг од познатата Костaњевичка пештера.

Пештера со огромни дворани и редок пештерски накит

Новootкриениот систем содржи простории високи и по неколку десетици метри, со должина до 50 метри, а најголемиот спелеотем по димензии се совпаѓа со најголемиот украс во веќе познатата Костaњевичка пештера.

Секретарот на клубот, Бране Чук, изјави дека постои голема веројатност новооткриениот систем да е поврзан со Костaњевичката пештера, бидејќи реката Студена тече на само два километри од нејзиниот влез.

„Ова беше сон на повеќе генерации спелеолози“, порачаа од клубот кој активно работи уште од 1964 година.

Децении потрага, пробив поради една пукнатина во снегот

Членовите на клубот со години се обидувале да навлезат подлабоко во Костaњевичката пештера, долга околу 2,5 километри, но наишле на непремостливи подземни езера и сифони. Поради тоа решиле да истражуваат одозгора – преку планината Горјанци.

Пресвртот се случил пред четири години, кога во снегот забележале отвор од кој излегувал топол воздух. Јамата ја нарекле „Горјанец“ и започнале внимателно истражување. По две години биле принудени да застанат, но годинава експедицијата продолжила.

Историски момент на 305 метри длабочина

На 17 јануари годинава биле откриени големи подземни сали, а само една недела подоцна – најголемото откритие: кањонот на реката Студена, со водопади и странични канали, на длабочина од 305 метри.

Според Бране Чук, постои голема веројатност дека станува збор за најголемиот пештерски систем во најдлабокиот дел на регионот Долењска, чиј вистински потенцијал допрва ќе се открива.

Зачлени се на нашиот е-билтен